Во соопштението се вели дека студентите и учениците организираа голема празнична донација за да го означат крајот на првиот семестар од академската година.
„Водени од мотото Love Above All, учениците и студентите ја донираа својата користена и зачувана облека, играчки, книги, костуми за маскенбал, постелнина и разни предмети за домашна употреба, а собираа и донации од сува и конзервирана храна, хигиенски и козметички производи.
Донацијата траеше три недели, и во тој краток временски период, студентите и учениците успеаја толку многу да ја прошират информацијата за овој проект, што со свои донации се вклучуваа голем број нивни пријатели, роднини и други граѓани, што на крајот резултираше со неочекувано големи количини на облека, книги, играчки и разни други производи.
Во рамки на часот по Менаџмент, заедно со нивната професорка д-р Венера Крлиу, учениците од четврта година во Американската гимназија Скопје работеа вредно и посветено, водени од желбата секое парче облека да си го најде својот нов, вистински дом. Михаела Милиќ, Михаела Митреска, Зорица Ѓоргиева, Димитра Николова, Ева Марија Лазарова, Филип Мандевски, Ахил Жугиќ, Ивана Здравеска, Кирјана Давкова, Евгенија Николовска, Андреа Димовска, Лина Муслија и Фартун Саид, нашата ученичка што е на размена од САД, внимателно ги групираа, ги сортираа и ги спакуваа сите донирани предмети и производи, и денес ги однесоа до пунктот од каде што ќе им бидат дистрибуирани до лицата од социјално загрозените категории, односно нашите сограѓани на кои помошта им е најпотребна.
Со насмевка на лица и ведрина во духот, овие млади луѓе направија вистински подвиг и успеаја да организираат неверојатно голема донација и да ги разубават празниците за голем број наши сограѓани. Оваа зима, многу бебиња ќе добијат нови топли капчиња, ракавички и јакнички, стотици деца ќе добијат нови играчки и корисни книги, но и топли чевли, тренерки, дуксери и зимски јакни. Со донираната храна ќе се подготват здрави и вкусни празнични оброци, а постарите лица ќе добијат и нова, топла постелнина, прекривки и ќебиња, кои ќе им ги згреат срцата овие празници.
Но, најсреќни овие празници ќе бидат нашите ученици и нашите студенти, затоа што знаат дека вистински помогнале таму каде што помошта е најпотребна. Тие продолжуваат со своите хуманитарни активности и веќе ја планираат следната донаторска акција. Сепак, најважната лекција што треба да се научи и во средно училиште, и на факултет, е дека среќата се множи само кога се дели.
Среќни празници за сите, од УАКС и АХСС!“.