Националниот парк Шар Планина на профилот на установата на социјалната мрежа Фејсбук објави видео како се ослободува мечка која била заглавена на сајла.
Мачката ја забележал сопственик на бачило од селото Бозовце па се јавил во Националниот парк. Од таму потоа повикале стручни лица од Зоолошка градина Скопје, по што во текот на вчерашниот ден мечокот е ослободен.
На видеото се гледа како мечката прво се успива. Потоа се сече сајлата и ѝ се прави проверка на ногата. Стручњаците констатираат дека има само гребаници поради сајлата но дека зглобот е добар.
„По дојава на локален жител од село Бозовце дека во неговото бачило е заглавена мечка, Ј.У.Н.П. Шар Планина заедно со стручни лица од Јавната установа Зоолошка градина на град Скопје организираа акција за ослободување на животното. Мечката која беше заглавена во сајла околу 10 часа, беше изморена и исплашена, а по три часа работа Бозо беше успешно ослободена. Упатуваме благодарност до сопственикот на бачилото кој го пријави настанот за да се ослободи мечката. Благодарност и до полициските службеници за напорите да го обезбедат теренот, како и до сите други надлежни институции со кои се координираше акцијата“, информираат од Национален парк Шар Планина.
Од Националниот парк потсетуваат дека мечките законски се строго заштитени животни на Шар Планина.