сабота, 27 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Страв од одбивање

Стравот од одбивање може да биде мачно и парализирачко искуство, проследено со задржување на здивот и изразен напор да не преземеме никаква акција што евентуално би можела да нѐ доведе во ситуација да бидеме одбиени. Се штитиме од болка така што не ризикуваме можеби да доживееме и радост и исполнување на желбата. Акцијата со која можеме да ги задоволиме своите потреби најчесто е истата онаа што може да ни „донесе“ и одбивање и затоа и не ја преземаме. Така се држиме себеси во состојба на незадоволена желба и потреба, со чувство дека и тоа ни е полесно отколку да бидеме евентуално одбиени. Остануваме во онаа состојба од која сакаме да излеземе. Избираме да не го менуваме токму она што сакаме да го промениме бидејќи еден од можните исходи е и да бидеме одбиени.

Последиците од одбивањето во нашето детство

За многумина од нас, одбивањето е едно од искуствата што сме ги искусиле уште во текот на детството, од страна на луѓето покрај кои сме растеле. Некои од нас доживеале многу болни искуства, одбивање насочено лично кон нив – во форма на апсолутно отфрлање и неприфаќање на нив и на тоа што тие се. Други не биле одбиени поради својата суштина, туку одбивањето се однесувало на нивните желби и потреби. Трети ги имале обете искуства – да бидат лично одбиени и да им биде одбиено нешто што сакале и барале.

Некои од нас одбивањето го протолкувале како доказ и потврда дека се неважни и безвредни, дека поради тоа се и несакани и дека заради тоа и во иднина никој нема да ги сака. Други одбивањето го доживеале како неповолна состојба во тој момент, која не зборува ништо за нив, туку е врзана само за тој контекст, за личноста која е во позиција да ги одбие и нејзината евентуално незгодна нарав. Не си го „лепеле“ искуството на одбивање на себе како „потврда за тоа какви се“ и дека како „такви“ не може да бидат прифатени, туку продолжиле да бараат алтернативи за да ги задоволат своите потреби.

Како го доживуваме отфрлањето

Отфрлањето е можеби и најболна форма на одбивање бидејќи подразбира дека некој нѐ одбива нас како такви, во целост, а често и засекогаш. Пораката што притоа ја добиваме е дека нас таа личност не нѐ сака во својот живот, дека пред сѐ не нѐ сака нас и дека нема потреба за контакт и интеракција со нас.

Она што најчесто го чувствуваме кога ќе нѐ отфрли некој што е значаен или многу значаен за нас, е дека ништо што правиме не може да влијае на тоа таа личност да нѐ прифати. Се чувствуваме беспомошно, а нашите напори нешто да промениме остануваат залудни. Ние за неа едноставно престануваме да постоиме.

Како го прифаќаме и толкуваме одбивањето

Од тоа како ги прифаќаме и толкуваме искуствата на одбивање тогаш кога со нив почнуваме да се соочуваме, често зависи и нашето доживување на идните одбивања во нашиот понатамошен живот.

Кога сме мали и додека растеме, едно од најболните искуства е одбивање и отфрлање од страна на оние на кои сме им непосредно упатени и од чија грижа сме директно зависни. Луѓето покрај кои растеме за нас се најважните луѓе во светот, бидејќи нашата добросостојба директно зависи од нивното ангажирање или неангажирање во врска со нас. Од нивниот однос кон нас и кон другите учиме како да се однесуваме кон себе и кон другите луѓе. Ако нѐ отфрлаат или одбиваат од себе токму оние од чие прифаќање, внимание и љубов зависиме, растењето станува мачно искуство на проток на време во атмосфера на несаканост и отфрленост до разденување на некои подобри денови.

Отфрлањето подразбира ускратување на љубов и внимание и од таму е болката што ја предизвикува кај мнозинството од нас. Токму затоа што како мали немаме начин да го превенираме отфрлањето, постои ризик да обидувајќи се да сфатиме што и зошто ни се случува, некои од нас виновникот за отфрлањето го пронаоѓаат во себе. Уште и ако тоа го чуеме од страна, ова објаснување има потенцијал да стане верување и уверение кое ќе го понесеме со себе понатаму во животот. Верување дека сме несакани затоа што сме „лоши“ и дека сме „криви“ за постапките и однесувањето на другите луѓе.

Доколку ова објаснување (кое сме си го дале себеси со многу малку години и во отсуство на релевантни информации) го третираме како вистина, постои ризик да избереме да живееме во склад со него така што повторно и повторно ќе ја потврдуваме неговата „вистинитост“. А тоа значи да останеме во позиција на несакано дете и поради тоа да имаме потреба „сите“ да нѐ сакаат и прифаќаат, независно кои се и дали се воопшто значајни за нас и истовремено да веруваме дека сме безвредни или „криви“ ако некој не нѐ сака. Нашето чувство дека не сме сакани се манифестира и во манирот скоро во сите ситуации да „стартуваме“ како несакани и отфрлени и дека несвесно избираме луѓе и ситуации со кои на себе тоа ќе си го потврдиме.

Гешталт-терапија за стравот од одбивање

Фредерик (Фриц) Перлс, Ралф Хеферлин и Пол Гудман, втемелувачите на теоријата на Гешталт-терапијата наведуваат дека токму стравот од одбивање е една од причините поради кои се плашиме да бидеме креативни, а имаме чувство на „сигурност“ кога се држиме за статус кво за работи што веќе сме ги постигнале, бидејќи новата возбуда се заканува да ја разнесе таа сигурност на парчиња. Според Перлс, Хеферлин и Гудман, она што мораме да го сфатиме е дека нема такво нешто како „вистинска сигурност“ – кога немаме ирационален страв, не се бавиме со тоа дали сме сигурни или не, туку се концентрираме на проблемот и се соочуваме со него.

Страв од одбивање, сигурност и вистинскиот момент

Многумина од нас како мали почувствувале дека одбивањето (а особено отфрлањето како негова најсурова форма) е болно искуство и развиле страв од одбивање. Стравот од одбивање првенствено има заштитна функција – избегнувајќи ги сите можни ситуации во кои постои шанса да бидеме одбиени, избегнуваме болка и повредување. Затоа некои од нас уште како мали одлучиле дека секогаш кога се во ситуација да преземат или да прифатат одредена иницијатива, одат само „на сигурно“. Од друга страна, одбивањето е еден од можните исходи во различни контексти, ситуации и релации со различни луѓе. Затоа и не постои негова апсолутна превенција.

Она што е важно да го знаеме е дека количеството сигурност во врска со исходот што нам ни е потребно за да се осмелиме на акција, не е секогаш на прв поглед видливо и едноставно мерливо. Барајќи апсолутна сигурност може да ни се случи многу време да поминеме во чекање, размислување и замислување на вистинскиот момент, и да пропуштиме да видиме дека вистинскиот момент е можеби токму сега, бидејќи можеби не изгледа онака како што ние сме го замислиле. Затоа е важно да бидеме свесни и во контакт со себе и со околината, да не го пропуштиме вистинскиот момент додека го „планираме“ да ни се случи или од страв од одбивање.

Кристина Пота Радуловиќ

психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

Фото: Ансплеш

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ