На седницата присуствуваа компаниите членки на клубот, како и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и амбасадорот на Франција во Македонија, Кристоф Ле Риголер.
Амбасадорот Ле Риголер истакна дека, иако француското економско присуство во Македонија е скромно, интересот за инвестиции е зголемен.
„Постои потенцијал за унапредување на соработката. Искажувам благодарност до Стопанската комора и нејзиниот претседател за оваа иницијатива. Да ги зголемиме економските врски меѓу двете земји. Иако не сме отсутни, нашето присуство е на скромно ниво, што не соодветствува со високото ниво на билатералните односи меѓу Франција и Северна Македонија“, нагласи амбасадорот.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, потенцираше дека како најголема бизнис-асоцијација Комората е посветена на поттикнување на меѓународната економска соработка и обезбедување нови можности за македонските компании.
„Нам ни треба здружување и заеднички настап на пазарите, а од Француската амбасада очекуваме максимална поддршка во процесот на градење посилни економски врски. Македонските компании и иноватори се подготвени и мотивирани за настап на европските пазари, користејќи ја својата конкурентност и иновативност за постигнување поголем успех“, изјави Азески.
Во Деловниот клуб членуваат македонски и француски компании, и неговата основна цел е да биде место за размена на искуства и добри практики, и воедно да им помага на македонските, француските и франкофонските компании подобро да ги разменат нивните идеи, размислувања со цел да се здружат и заеднички да настапуваат на трети пазари, како и да придонесат за привлекување на нови инвеститори и компании кои успешно ќе работат овде.