Од Групација на осигурувањето при Комората сметаат дека Агенцијата за супервизија на осигурувањето со извештаиите кои ги доставува до Комисијата за автомобилска одговорност при Министерство за финансии создава хаос и забуна, дека не ги зема предвид сите аспект на осигурителниот бизнис, влијае на Комисијата при Министерството за финансии и креира погрешна слика за реалноста на цените за авто осигурување.
Членките на Групацијата истакнуваат дека Македонија се стреми да стане членка на Европската Унија, но амбиентот за работа на компаниите и начинот на донесување на одлуките влеваат несигурност во работењето на компаниите. Македонија е една од ретките држави каде државата сѐ уште има функција во утврдување на цената за задолжителната АО и покрај фактот што се работи за пазарна економија. ЕУ секоја година во Извештајот за погресот на земјата, споменува дека оваа државна интервенција е неконзистентна со европската регулатива и дека цената мора да ја утврдува слободниот пазар, односно да се случи либерализација на овој пазар. За жал, оваа реформа сѐ уште не е ни отпочната и ингеренциите за утврдување на цената на задолжителната автоодговорност се поделени помеѓу Владата, Комисијата за автомобилска одговорност и компаниите.
Со донесената Одлука од страна на Комисијата за автоодговорност се лимитира делот за вршење на дејноста, односно трошоците и се воспоставува 100% државна контрола над цените за автоодговорност. Со ова се оддалечуваме и од принципите на Европската Унија и од правилата на пазарната економија, се вели во реакцијата на Стопанската комора.