петок, 24 јануари 2025

Стоп за политичкиот прогон: Амнестијата не е решение за „браќата од 27-ми април“, тие не се терористи

Претставници од проектот Стоп за политичкиот прогон револтирано реагираат на обраќањето на судијата Илија Трпков, по изрекувањето на амнестијата на четворицата претходно осудени како организатори на настаните од 27 април 2017 година. Од проектот Стоп за политичкиот прогон, кој смета дека оние кои што се осудени и ги издржуваат казните за настаните во Собранието на 27 април 2017, се жртви на политички прогон и сметаат дека амнестијата значи признавање на вината, говорот во судницата на судијата Трпков го ценат како уште еден доказ за постоење политички прогон.

Објавено на

часот

Сподели

„Како единствен ентитет што повеќе од една година работи да донесеме слобода за сите жртви на политичкиот прогон – произлезен од минатите власти во државава, со особен акцент за слобода на т.н. случај со ‘Браќата од 27-ми април’, од причини што е всушност еден од најголемите случаи во ова наше време, ние од проектот  ‘Стоп на политичкиот прогон’ – бевме силно испровоцирани од вчерашната скандалозна изјава на судијата Илија Трпков и тоа додека читаше пресуда“, се вели на почетокот во реакцијата на проектот Стоп за политичкиот прогон.

Тие се револтирани од пораката на судијата Трпков, „да наведнат глава и да побараат прошка од државата“, за која сметаат дека е упатена кон оние што, според нив, неправедно се осудени и издржуваат казни за тероризам, за настаните од 27 април 2017. Според Стоп за политичкиот прогон, судењето за овие настани треба да биде повторено, а сега осудените да се бранат од слобода.

„ 1. Ваков де факто, политички говор вметнат за време на изрекување судска пресуда, по сосема друг судски предмет, а обраќајќи се кон сите осудени за случајот од 27-ми април, само е уште еден доказ за постоењето на политичкиот прогон, чии жртви се токму оние кон кои овој судија се обрати !

2. Од позиција на ‘несудечки судија’, судијата Илија Трпков кој ниту гледал, ниту пак ценел докази во постапката во случајот со ‘браќата од 27-ми април’, односно нема никаква врска со овој случај, си зема за право и очигледно ја смета за недоволна казна што овие луѓе долги години издржуваат затворски казни, па сега им се обраќа дека плус треба и ‘глава да веднеле’, односно цитирам : ‘За конкретните настани во Собранието, за кривичните дела кои се случија таму, наведнете ја главата и побарајте прошка од државата, како што обвинетите побараа’, иако сите тие – до еден се чувствуваат веќе многукратно и крајно онеправдани – поточно како жртви на политички прогон – дека се неосновано осудени !

3. Особено во моменти кога со години правосудството се соочува со катастрофални резултати и ефекти од работењето со 2% доверба, а сегашната влада отвори вистински фронт за да почнат да се коригираат состојбите, еден ваков испад – и тоа за случај кој важи за еден од неколкуте кои ќе го обележат ова наше време, говори само по себе за целосната отуѓеност на судскиот систем во однос на законите, етиката и третманот на народот, воопшто од страна на овој систем и го цениме како крајно, пред сè нечовечно, навредливо, понижувачко и арогантно, од страна на овој судија, особено кога се работи за луѓе, кои според овој проект ‘Стоп на политичкиот прогон’, како и според најголемиот дел на македонската јавност дека – невини лежат 7 години по затворите, бидејќи влегоа во Собранието откако незаконски се изгласа нелегитимен претседател на Собрание, што најмалку ги чини терористи или убијци, ами најголеми патриоти !

3. Исто така јавно сакаме да изразиме сомнеж, односно јавно да се прашаме сите – дали со една ваква изјава и со обезбедување на една таква општа амнестија, а кое како солуција се напушти откако го декласиравме и разобличивме уште во март минатата година, а сега се повторува и јасно е дека се сака да се оствари т.н. „контрола на штетата“ од страна на овој очигледно одметнат судски систем, односно дека со амнестијата –  ќе остане на сила пресудата дека браќата од 27-ми април се терористи !

Со тоа, очигледно многу замешани одговорни кои го воделе и воопшто биле каков било дел од овој крајно контроверзен судски предмет и кои всушност според овој наш проект го спроведуваат најбруталниот политички прогон кој финишира со едни вакви драконски и антицивилизациски судски пресуди, па дека со една ваква амнестија мораме да посочиме дека и тие нелуѓе најкомотно ‘заглавени’ во првосудниот систем, на некој начин ќе си бидат амнестирани, односно сите нивни вакви недела ќе бидат и ќе останат де јуре  како оправдани и правно издржани ! А токму против сето тоа, до детаљ се бори овој проект Стоп на политичкиот прогон“, се вели во реакцијата.

Понатаму во обраќањето до јавноста, од Стоп за политичкиот прогон се наведува дека амнестијата најмалку значи  фер и адекватно решение на случајот со „браќата од 27-ми април“ и всушност е дел “од многу разни други ад хок-решенија кои беа понудени заради туѓи агенди и најмалку во интерес на вистинско и трајно решение на овој случај“.

Потенцираат дека вклучително и претседателката Сиљановска-Давкова, како правен експерт, исто така го има хармонизирано ставот со нивниот проект – дека не преку амнестија, ами со повторување на судската постапка и јасни судски пресуди ќе се постигне целта.

„Би додале дека уште на самиот почеток на повторувањето на постапката, за некои десетина дена, ние, како проект, ќе ги извадиме на слобода сите браќа кои се во затвор за случајот ‘27 април’, односно да се бранат од слобода и да останат на слобода, потврдено со правосилна судска пресуда. Ова пак е основа за да следат барања за оштета од државата за секој еден од нив, но и за секој еден член од нивните семејства, сите заедно како жртви на политичкиот прогон, како и контролиран процес на нивна ресоцијализација, вработување и сè друго што е потребно. А потоа  ќе следат и промени на имиња на два булевари или поголеми улици во Скопје во булевар или улица на уставобранители и булевар на жртвите на политичкиот прогон“, порачуваат од проектот Стоп за политичкиот прогон и додаваат дека не гледаат решение во пренесување на овој случај пред Судот за човекови права во Стразбур, зашто  според нивните извори „статистички гледано носи во просек помеѓу 5 до 10 отсто од пресудите според нивните политички потреби“. Тоа би значело, како што наведуваат, „дека браќата од 27-ми април ќе останат да бидат терористи и како такви да влезат во историјата, токму според нивните политички планови и потреби“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ