петок, 18 октомври 2024

Столтенберг до Ковачевски: Алијансата ја гарантира безбедноста

Република Северна Македонија е ценет сојузник на НАТО. Навистина ве цениме и многу ги цениме вашите придонеси кон нашата Алијанса. НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија може да се потпре на НАТО, изјави денеска на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.

Објавено на

часот

Сподели

    „Вие придонесувате кон безбедноста и стабилнпста на Западен Балкан преку нашите мировни мисии со КФОР на Косово. Решени сте да дојдете до два проценти од БДП потрошени на одбраната до следната година, а Северна Македонија силно ја осуди и руската агресија против Украина. Се приклучивте на ЕУ во наметнувањето санкции кон Москва и нудите воена и финансиска поддршка на Украина. Алијансата ви гарантира безбедност. Покриени сте од авионите на НАТО, и ова е всушност солидарноста на НАТО на дело, нагласи Столтенберг.

    Тој посочи дека безбедноста на Западен Балкан е од суштинско значење за НАТО и, како што рече, тука има причини за загриженост.

    „Во Бих се појавија тензии и тука ги охрабрувам политичките лидери да се воздржат од поделбени и сецесионистички реторики, и наместо тоа да ги концентрираат своите напори на помирување и на мирна иднина. Во Косово неодамна видовме инциденти со сериозно насилство. Белград и Прштина мора да се впуштат во дијалогот којшто е олеснет од ЕУ затоа што тоа е единствениот начин да се дојде до решението ќе ги почитува правата на сите заедници“, порача Столтенберг на прес-конференција во Владата.

    Премиерот Ковачевски од своја страна истакна дека Македонија како членка на НАТО продолжува да вложува во јакнење на капациеттите во задржување и јакнење на статусот на сојузник од доверба во Алијансата.

    „Како најмлади членки се посветивме и ја постигнавме воената интеграција од било која претходна земја-членка која се приклучила на Алијансата. Изминатава година особен фокус ставивме на нашето јакнење во справувањето со хибридните закани и сајбер одбраната, за што морам да се заблагодарам на МО и на МВР кои што во соработка со НАТО ја имаат целосната поддршка од нашите сојузници во овие големи предизвици кои ги имавме на почетокот на годината“, истакна Ковачевски.

    Според него, стабилноста на регионот е исклучително и суштински важно и тоа повеќе од кога било досега.

    „Токму затоа наш приоритет е евроинтеграцијата. Пред се на Северна Македонија, но и на регионот. Не смееме да имаме пречки и кочници на тој пат и ќе направиме се што е потребно да го исчекориме до крај, се до нашето членство во ЕУ во 2030 година“, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО во Владата. 

    Ковачевски истакна дека  со стабилноста и безбедноста обезбедена со членството во НАТО, Северна Македонија била препознаена и признаена од инвеститорите како добра дестинација за инвестиции.

    „Северна Македонија е препознаена и признаена од инвеститорите како добра дестинација и тоа го потврдуваат најдобро бројките во однос на странските директни инвестиции, во однос на зголемениот број на вработени, зголемена просечна плата која денес е објавена дека е највисока во историјата на државата и намалениот број на невработени лица. Токму затоа европскиот пат е вистинскиот пат исто како и интеграцијата во НАТО што беше вистинска интеграција за државата пред 3 години. Нашите граѓани заслужуваат да се дел од Унија на најразвиените, најбогатите држави, со кои ќе достигнеме економски напредок, но и социјална правда и врвно владеење на демократијата и врвно владеење на правото“, ијзави тој.

    Изрази надеж дека наскоро ќе биде исполнета и втората стратешка цел а тоа е членството во ЕУ.

    „Една стратешка цел со НАТО е исполнета. Верувам дека со ваша и со помош на нашите пријатели од евроатланската заедница ќе успееме да ја исполниме и втората стратешка цел, членството во ЕУ, и да ги исполниме барањата и очекувањата на граѓаните за подобар, попросперитетен и побогат живот“, подвлече тој.

    с

    „Исходот од декемврискиот самит на ЕУ зависи само од нас, односно од тоа дали опозцијата во земјава ќе се надмине себе си во однос на усвојувањето на уставните измени што се наша обврска и услов за отворање на поглавјата во преговорите, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО.

    „Декемврискиот самит ќе покаже дека тоа што ќе се случи на него зависи од нас. Односно, доколку ние ја донесеме одлуката која што ја имаме како обврска во однос на вклучувањето на делови од други народи во Преамбулата на нашиот Устав, тогаш и одлуката на декемврискиот Самит ќе биде позитивна и Северна Македонија ќе ги отвори поглавјата. И затоа велам дека сега зависи од нас, бидејќи ЕУ ги исполни своите обврски во однос на одржување на Првата меѓувладина конференција, во однос на одржување на првата меѓувладина конференција на македонски јазик, за потпишување на договорот Фронтекс на македонски јазик со сите други јазици на ЕУ одобрени од сите земји членки на ЕУ што не беше никогаш претходно случај. Тие ги исполнија своите обврски, наведени во преговарачката  рамка, останува ние да ја исполниме нашата обврска“, одговори Ковачевски на новинарско прашање за очекувањата од декемврскиот самит на ЕУ. 

    Тој посочи на уште еден аспект на декемврискиот самит, а тоа е, рече, ставот на опозцијата во однос на уставните измени.

    „Каков ќе биде тој, не само што зависи од нас, туку ќе се покаже и на кој начин зависи од секој од нас. Дали оние коишто секогаш биле против интегрирање на земјата во НАТО и во ЕУ, овојпат ќе се надминат себеси. Доколку се надминат себеси на декемврискиот самит ќе имаме одлука со која што Северна Македонија ќе ги отвори поглавјата за пристапување кон ЕУ. Доколку не се надминат себеси, тогаш ќе ја гледаме репризата на 11-те самити на НАТО, и на 11 Самити на ЕУ додека тие беа на власт, кога не се случуваше никаква одлука, ниту еден милиметар напред во евроинтеграциите. Ќе имаме ситуација во која што само Никола Груевски е заменет со Христијан Мицкоски, еден претседател заменет со друг со ист пристап во политиката“, оцени Ковачевски.  

    Прашан за придобивките од Планот за раст на ЗБ на ЕК, Ковачевски истакна дека се работи за исклучително важен план којшто, вели и ние го баравме од ЕУ, а со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат бенефити и придобивки од ЕУ уште пред полноправното членство.

    „Овој план практично нуди 6 милијарди евра финансиски средства за земјите од Западен Балкан, 2 милијарди се грант, 4 милијарди се поволни кредити, гарантирани од самата ЕУ, со каматни стапки на многу пониско ниво. И што истите ќе бидат поврзани со реформи, во државите, коишто се кандидатки за членство во ЕУ, и дополнително ќе бидат наменети за проекти кои ја зголемуваат економската и политичката соработка помеѓу државите од ЗБ. На тој начин преку инвестиција во вакви реформи, во вакви проекти, на годишно ниво, заради зголемената соработката на регионот и зголемената соработка со заедничкиот европски пазар, ќе може да влијае позитивно за 10 проценти на БДП, односно на економиите на регионот што за 10 години значи дуплирање на големината на економиите на земјите од ЗБ. Значи се работи за План којшто нуди позитивни ефекти на економијата, на животниот стандард на граѓаните, и на работењето на компаниите. Се разбира дека од друга страна дава и обврска за реформи на сите полиња во унапредувањето на општеството, на нашата змеја меѓутоа и на сите други земји во регионот“, нагласи премиерот Ковачевски.

    ТОП ВЕСТИ

    ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ