сабота, 27 јули 2024
Пред споменикот на пиринскиот цар Јане Сандански

Стојков од семакедонскиот собир во Мелник: Моментот е историски, да се кренеме во одбрана на македонскиот идентитет

Објавено на

часот

Сподели

На собирот, покрај членството и приврзениците на ОМО Илинден Пирин и на другите здруженија и организации на Македонците во Бугарија, допатуваа и Македонци од Македонија, Грција, Албанија, Србија, Косово и Македонци кои живеат во други земји низ светгот. 

Изразуваме протест, рече Стојков, поради државната политика на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство во Бугарија, поради  негирањето на македонската нација и идентитет и обидите за присвојување на македонската историја, јазик и култура од страна на бугарската држава, како и поради дејствијата на бугарските институции против македонските културни клубови во Бугарија.

јане

„Изразуваме протест против политиката на свртување на бугарските граѓани против Македонија и Македонците и против македонското малцинство во Бугарија,  блокирањето на европската интеграција на Република Македонија,  влошувањето на односите меѓу двете земји и народи како последица на антимакедонската политика што ја води бугарската држава, изразуваме протест поради  изјавите кои се граничат со фашизам на претседателот на Бугарија Румен Радев и други бугарски политичари и државници против македонската нација и држава“, рече Стојков.

Тој потоа ги изнесе барањата кои се децениски, а се однесуваат на националните и човекови права.

„Јасно бараме бугарската држава да ги почитува правото, науката и вистината и да ја прифати реалноста на македонската нација, малцинство, јазик, историја и идентитет и да стави крај на политиката на присвојување, асимилација и дискриминација кон македонската нација во принцип и кон македонското малцинство на својата територија“, порача Стојков.

омознаме

Тој исто така упати порака кон македонската држава и македонските политичари  да почнат активно да се грижат за македонското малцинство во Бугарија и да го штитат македонскиот идентитет, историја и култура и потгоа го изнесе своето видување како треба да се однесува македонската власт и какви да бидат односите меѓу соседните земји, но и каков став да има Европа.

„Да се наметне реципроцитет во правата на македонското малцинство во Бугарија и на бугарското малцинство во Македонија. Европските институции да ѝ помогнат на Бугарија да се ослободи од нејзините дискриминаторски антимакедонски практики“, рече Стојков.

знаме

Тој ги повика Македонците ширум светот да се кренат во активна борба за одбрана на македонскиот идентитет, нагласувајќи дека моментот е историски. Посебна порака имаше кон сонародниците во Бугарија.

„Сите Македонци во Бугарија – да го оставиме времето на стравот во минатото и храбро да се избориме за нашите права и достоинство. Македонците во Бугарија не се опасност за никого, напротив, придонесуваме за економски, културен и социјален просперитет на државата и како достојни граѓани инсистираме да се почитува нашето достоинство како луѓе, како Македонци и граѓани“, рече во своето обраќање претседателот на ОМО Илинден-Пирин, Стојко Стојков.

фолклор

Зад овој своевиден проглас застанаа ОМО „Илинден“-Пирин, ОМО „Илинден“, Македонско меѓународно движење за човекови права, Друштво на репресирани Македонци во Бугарија, Антички Македонци, Друштво за заштита на основните човекови права, Македонски клуб за етничка толеранција, Граѓанска иницијатива за признавање на Македонско национално малцинство во Бугарија и  Комитет за човекови права Толеранција.

васил

Васил Стерјовски, претседател на партијата на Македонците во Албанија –  МАЕИ, рече дека со целото срце им се поклонува на Македонците во Бугарија кои се борат за човекови права и кои и преку вакви настани ја негуваат и чуваат македонштината.

Тој додаде дека Јане Сандански, со своето револуционерно дело и саможртвата што ја даде за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците. Тој бил чувар на гоцевите идеали и е најистакнатата национална фигура во Пиринскиот крај и загина како што живееше, како херој, рече Стерјовски и додаде дека девизата на пиринскиот цар  „Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот за совршенство” останува како порака за сите нас. 

„Од овде, од гордиот Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот јазик, ја сакаме државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ. Од институциите на Република Македонија бараме да се грижат за Македонците во соседните земји како што сите држави на Балканот и Европска Унија се грижат за своите малцинства. Ја поздравуваме неодамнешната средба меѓу македонскиот министер за правда со Стојко Стојков каде разговараа за положбата на Македонците во Бугарија и не-имплементацијата на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија. Се надеваме дека ваквите средби со институциите на Република Македонија ќе продолжат и во иднина. Се залагаме за потпишување меѓудржавни договори на земјите во регионот за почитување на малцинствата на реципроцитетна основа, каде малцинствата ќе се гледаат како мост на соработка помеѓу државите. Нека е вечен споменот за Јане Сандански и нека се сеќаваме на неговата револуционерна борба, како на инспирација за нашите битки, и да продолжиме да се бориме за слобода и национални права. Вечна му слава на Пиринскиот Цар“, рече во обраќањето Стерјовски.

оро

Пред присутните со свои говори и видувања за надминување на крајно неповолната состојба за македонското малцинство како и за положбата на Македонија во новите политички услови во Европа говореа и Сотир Лукровски, претсавник на здруженијата на Македонците од Егејска Македонија, Јанко Бачев, Единствена Македонија и амбасадорот Ристо Никовски.

Меѓу другото, Сашо Маневски, претседателот на организацијата Нов АСНОМ рече дека во тек е жалба до Европската комисија за заштита на правото на здружување на Македонците од Бугарија.

Сите говорници ја поддржаа борбата на македонците во Бугарија за нивните основни човекови права. По собирот беше одржана културно уметничка манифестација на КУД Јане Сандански од Ново Село.

 

За МКД.мк од Мелник, Александар Дамовски

Фото: А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ