понеделник, 15 април 2024

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе 40 амандмани на законите за стратегиски инвестиции

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата ќе ги преземат сите процедурални, демократски и собраниски процедури за да го спречат носењето на законите за стратешки инвестиции во енергетиката, за кои, сметаат дека се криминални и најавија дека ќе поднесат 40 амандмани.

Објавено на

часот

Сподели

„Очајноста на СДСМ продолжува до последен ден од нивното владеење. Денеска на Комисијата за економски прашања, СДСМ повторно ќе се обиде да ги протурка законите за стратешки инвестиции во енергетиката. Ова се закони со кои се нанесува децениска штета по енергетскиот сектор на Македонија, а служат само за богатење на најтесното раководство на СДСМ“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.

Тој потенцира дека Димитар Ковачевски, Миле Зечевиќ и Фатмир Битиќи го гледаат сопствениот, како што рече, лукративен интерес, а граѓаните плаќаат за 50 отсто повисоки сметки за електрична енергија.

„СДСМ без поддршка на останатите коалициони партнери турка закон со кој на грчка компанија ќе и се даде државна помош од близу 50 милиони евра, а дополнително и се гарантира откуп на произведената струја и топлинска енергија по цени далеку повисоки од реалните. Со останатите стратешки закони се дава плодна земјоделска почва за изградба на фотоволтаици каде повторно државата гарантира откуп на електричната енергија по високи цени. Ние како пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија алармиравме и предупредувавме за штетата која овие закони може да ја предизвикаат“, истакна Стојановски.

Тој посочи дека Владата ги повлекла овие закони, но и покрај забелешките на експертите, јавноста и Министерството за економија, таа повторно ги пушти истите текстови но со други потписници, овој пат министрите Фатмир Битиќи и Каја Шукова.

„Сакам да укажам, дека со носењето на овие закони, на овие инвеститори им се дава привилегирана положба, државата се става во подредена положба што е недозволиво по нашиот Устав и се суспендираат низа закони кои важат за сите останати во правниот промет“, вели Стојановски.

Тој најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе 40 амандмани, во кои се ставени забелешките на експерти од различни сфери на општеството, кои доколку би се усвоиле и би се вметнале во овие закони, би гарантирале, како што рече, нормално имплементирање на овие закони.

„Сакам да истакнам дека пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата ќе ги преземе сите процедурални, демократски и собраниски процедури за да го спречи носењето на овие криминални закони. Пратениците на СДСМ се на ред да покажат дали се послушници и ќе одработат за џебовите на раководството или достоинствено ќе го завршат својот мандат. На 8 мај македонските граѓани ќе победат против криминалот и корупцијата, а од 9 мај не чека многу работа за враќање на Македонија на вистинскиот пат“, изјави Стојановски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ