„Гледајќи ја публиката во огромен број, гледајќи колку луѓе бараа билети и чекаа за нив, мислам дека сме направиле успешен Фестивал. Се разбира дека има простор за грешки и пофалби, ама јас сум од оние луѓе кои веруваат во креативната енергија и верувам дека следното фестивалско издание ќе биде уште подобро“, изјави Стојаноска.
Во контекст на фестивалското мото „Промени се, промени сѐ“ Стојаноска се надева и очекува промени во македонскиот театар иако со мали чекори, а фестивалот да продолжи да се бори за местото единствен, значаен традиционален театарски фестивал.
„Се надевам дека во театарот се прават и ќе се прават промени. Можеби со мали чекори, во почетокот, и верувам дека токму тие мали чекори ќе придонесат да отидеме уште подалеку. Секогаш кога се прави промена има малку отпор, во смисла, добро ни е во оваа конфорна зона, сега има некој што нѐ тера малку повеќе да работиме, да ни дава некои принципи на работа, инсистира на професионалност. Сметам дека тоа покажува колку фестивалот ѝ должи на својата традиција, интегритет, и колку понатаму продолжува да се бори да биде единствениот, значаен, традиционален театарски фестивал во Македонија“, рече Стојаноска.
Со доделувањето на наградите и со концерт во чест на наградените, на Добрила и Дориан дуо, ќе бибе затворен 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Според фестивалското жири, претставата „Црна дупка“ на струмичкиот театар е најдобра претстава во целина на годинашниов фестивал кој понуди 11 претстави во официјалната програма.