„Бранителите се злоупотребени како и маката на семејствата на загинатите бранители, кои до ден – денес не се обесштетени. Злоупотребена е маката на воените инвалиди кои до ден – денес не се обесштетени и се ставаат во дневната политика, нешто што досега се избегнуваше од страна на претходната опозиција, а сегашната власт – ВМРО-ДПМНЕ. Кога ваква иницијатива влезе во собраниска процедура минатата година ВМРО-ДПМНЕ не ја експлоатираше како дневна тема“, рече Ангелов во гостување на ТВ Сител на прашањето како тоа се случи 23 години по конфликтот од 2001 година законсло решение за правата на бранителите да биде причина за иднината на владината коалиција.
Ангелов рече дека со законските решенија за кои тие се залагаат, примарна цел е праведно обесштетување на 15-тина уште не обесштетени семејства на загинати бранители и на десетина воени инвалиди.
Втораа цел, како што подвлече, се сите бранители, бидејќи сите македонски бранители кои ја бранеа татковината во 2001 година, нагласи Ангелов, имаат право на неколку, макар и симболични права со кои државата ќе одаде признание за тоа што го направиле. Третиот момент, според него, е можното одликување од страна на претседателот на државата и врховен командант, кое беше најавувано во предизборната кампања.
Во однос на подготовката на Предлог текстот на законот лани, што беше поднесен на иницијатива на Достоинство, за кој пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска изјави дека бил изготвен во нејзиниот кабинет додека била на функцијата министерка за одбрана во координација со Ангелов, претседателот на Достоинство изјави дека тоа тврдење не е точно и рече дека таа била информирана и давала поддршка, но оти законот е подготвен од Достоинство.
„Овој закон, кој сега е поднесен од нејзина страна, во суштина ги содржи елементите на законот од 2008 година бидејќи се работи за стар проблем, обесштетеување на необесштететни воени инвалиди. Да, таа беше запознаена и даваше поддршка, но начинот на кој што излезе со овој нејзин предлог, во наводници за бранителите, има се само нема бранители. Затоа што во јавноста постои една забуна и се мисли дека во овој предлог се опфатени правата на бранителите. Во верзијата која ја предлозжи пратеничката Петровска ние ги имаме необесштетените семејства кои што и јас барав да бидат обесштететени, и неколку воени инвалиди. Таа невешто овде ги ставила и загинатите од двете хеликоптерски несреќи – армиската кај Катлановско Блаце, полициската кај Струмица, авионската несреќа од 2004-та кај Мостар во која загина претседателот Борис Трајковски, Диво насеље и една општа клаузула, сите загинати припадници на безбедносните сили од 1991-ва до денес. За почеток таа треба да знае дека Уставот не препознава безбедносни сили, во Уставот постојат вооружени сили“, вели Ангелов.
Според него, доколку била искрена во намерите најдобро би било таа да го предложела истиот закон кој остана заглавен во собраниска процедура уште во преходниот парламентарен состав, оти со сегашниот предлог таа создала проблем каде го нема, бидејќи загинатите од Диво Насеље, посочи, веќе биле обесштетени. Како недостаток на предлогот на Петровска, тој го посочи и тоа што тој е неспроведлив, бидејќи дефиницијата на припадници на вооружени сили во член 2 од предлог законот, ги исклучува загинатите во хеликоптерските и во авионската несреќа.
Тој го оцени како добар предлогот на пратеничката Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ, која ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, да се потпишат на барањето до претседателката на таа Комисија, Илире Даути од Европскиот фронт, да го стави Законот за бранителите на дневен ред.
Ангелов смета дека решение не е да се побара повлекување на овој предлог закон, и да поднесат нов, бидејќи, вели, тоа може да биде протоколкувано погрешно, туку смета дека треба да се остави и покрај недостаоците и доколку помине комисиски филтер да се интервенира за негово подобрување.