Четирите најавени локомотиви од Србија карго” пристигнаа во Македонија и веднаш ќе бидат ставени на располагање и во функција на Македонски железници, изјави вицепремир и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ. Тој потсетува дека станува збор за четири локомотиви за товарен сообраќај што ќе бидат од суштествено значење за непречено фунционирање на товарниот сообраќај низ Македонија, преку Србија, до земјите од Европската Унија.
„Договорената соработка е од големо значење не само за двете железнички компании туку и за севкупната регионална соработка по Коридорот 10 која не само што ќе го зголеми капацитетот на транзитниот сообраќај, туку и приходите, во пресрет на се поголемата побарувачка на товарниот транспорт“, вели Стоилковиќ.
Вицепремиерот ја истакнува улогата на директорот на Македонски железници – транспорт Дејан Кошутиќ за, како што вели, брзото спроведување на постапката, како и на надлежниот министер Александар Николоски кој, нагласува Стоилковиќ, со своето несебично залагање и труд обезбеди внатрешна логистика на процесот.
„Мое беше само да ја обезбедам комуникацијата помеѓу компаниите, како и политичката поддршка од српската Влада локомотивите што побрзо да стигнат и да се стават во функција. Тимската работа секогаш носи добри резултати. Благодарност до српската Влада за покажаното разбирање и брзата реакција во решавањето на проблемот со кој се соочувавме“, изјави вицепремиерот Стоилковиќ и додаде дека поврзано со овој проект се и прашањата од типот на ликвидноста на Македонски железници и сочуваните работни места.