Согласно утринските информации од терен прво ќе се проценува за упатување дополнителни противпожарни (ПП) екипи од соседните општини, па потоа, ако сѐ уште е потребно, за противпожарна поддршка од воздух.
Општина Дебар синоќа упати барање до ЦУК за поддршка во гаснење од воздух на двата се уште активни пожара, во реонот на селата Татар Елевци и Бомово.
Според Регионалниот ЦУК Охрид во атарот на селата Сушица, Бомово и Коњаре, Општина Дебар гори ниска вегетација и костенови насади. Било интервенирано со едно противпожарно возило и шест пожарникари, три лица од шумска полиција и две лица и од Јавното претпријатие (ЈП) Стогово.
Со пожарот во близина на село Татар Елевци е зафатена ниска вегетација, папрат и нискостеблеста шума. Во гаснењето на пожарот интервенирале девет пожарникари со едно ПП возило две лица од Шумска полиција и две лица од ЈП Стогово од Дебар.
А, од Национални шуми, Куманово денеска информираа дека е изгаснат пожарот над липковското село Виштица.
Пожарот избувна пред неколку дена и зафати ниска вегетација и деградирана шума. Прво го гаснеа припадници на Територијалната противпожарна единица и на подружницата на Национални шуми.
Поради непристапниот терен, пожарот се гаснеше неколку дена. Вчера бил изгаснат и денеска не е активен, информираа од кумановската подружница на Национални шуми.
„Шумскиот пожар што зафати ниска вегетација и деградирана шума во село Виштица, Општина Липково е локализиран и веќе не е активен. Вчера го изгасија две екипи на Национални шуми“, изјави Луан Бајрами, раководител на кумановската подружница.