сабота, 27 јули 2024

Стерјовски: Македонскиот јазик е богатство на културата и на идентитетот на Македонците во Албанија

Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и еден од наголемите активисти за правата на Македонците во Албанија, Васил Стерјовски од свое и име на партијата упати честитка по повод 21 февруари Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Објавено на

часот

Сподели

„Македонскиот јазик во Албанија денес се зборува во областа на Преспа, има настава на македонскиот јазик во училиштата, во областа Голо Брдо имало настава на македонски јазик во годините 1945-1948, во областа Гора, во селото Врбник, областа Девол настава на македонски јазик имало до 2014 година како и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и други градови“, наведува Стерјовски.

Додава дека преземајќи активности за заштита на мајчините јазици, можеме да обезбедиме секоја култура да не го изгуби својот идентитет и да го зачува своето културно богатство.

„За македонската заедница во Албанија е важно да има можност да го изучува, да го студира и да го користи мајчиниот јазик без дискриминација. Важно е да се напомене дека мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација. Тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое мора да се чува и заштити“, наведува Стерјовски.

Во овој контекст, додава, заштитата и употребата на јазикот на една заедница, како што е македонската во Албанија, е многу поголем предизвик.

„Дискриминацијата и непочитувањето на мајчиниот јазик може да доведе до негово губење. Во овa точка државата и јавните институции имаат суштинска улога во заштитата и унапредувањето на мајчиниот јазик. Ова може да вклучува употреба на јазикот на заедниците во официјалните документи, во сите нивоа на образованието, во локалните и националните медиуми, како и финансиска поддршка за иницијативите и организациите кои работат на зачувување и промовирање на нивниот јазик“, посочува тој.

Нагласува дека освен тоа,  и поединецот можеме да направи промена ценејќи го и користејќи  го мајчиниот јазик.

„Mајчините јазици треба да ги прифатиме како богат и важен дел од човечката култура. На овој начин можеме да помогнеме да ги зачуваме и заштитиме“, порачува Стерјовски по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ