четврток, 24 октомври 2024
Разговор со претседателот на МАЕИ

Стерјовски: Бугарија сака да нè замолчи во Албанија, но продолжуваме со борбата на правен и меѓународен терен

„Суштината на тужбата е да нè замолчат како партија, да ги замолчат и сите македонски друштва и Македонци во Албанија со цел големобугарската асимилаторска политика да ги остварува своите цели за бугаризација во албанската држава. Фактите и правдината се на нашата страна, но сепак, потребна ни е правна и експертска помош по однос на тужбата од бугарската фондација, имајќи предвид дека тие ангажираа адвокатска канцеларија од Тирана и затоа што се повикуваат на конвенции за човекови и малцински права. Важно е да имаме добро подготвена одбрана пред судот во Корча во законскиот рок што ни е оставен од 30 дена, вели во разговор за МКД.мк лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција – МАЕИ, Васил Стерјовски откако фондацијата „Бугарска меморија” на Милен Врабевски од Бугарија поднесе тужба во Основиот суд во Корча против единствената партија на Македонците во Албанија –МАЕИ) и нејзиниот претседател Стерјовски.

Објавено на

часот

Сподели

Тужбата на бугарската фондација следува по дописот кој МАЕИ на 24 јануари годинава го испрати до премиерот на Албанија, Еди Рама, до највисоките албански институции и до странските амбасади, во кој бараше забрана на активностите на фондацијата „Бугарска меморија” во Албанија, како и затоа што МАЕИ бара поништување на пописните резултати во графата етничка припадност поради бугарските притисоци за асимилација на македонското население искористувајќи го членството на Бугарија врз ЕУ.

„Бугарија и преку оваа фондација сака да ги замолчи сите македонски фактори и активисти во Албанија, преку судска одлука да нè оштети, блокира, да нè оневозможи во нашата борба за правата на Македонците и во борбата против асимилаторите. Во изминатиот период имавме и закани и притисоци и тоа речиси врз секој наш активист, кои беа повикувани и на информативни разговори во полиција по поднесени поплаки од бугарски претставници. Претпоставувам дека сега тактиката им е и по судови да нè  влечкаат за да ја затапат нашата основна активност како претставници на Македонците и борци за правата на Македонците во Албанија“, вели Стерјовски.

Сепак, и ние не сме наивни, вели Стерјовски, затоа и побаравме со допис до премиерот Еди Рама, во името на заштита на правата на македонското малцинство, да се забрани оваа фондација на Врбевски, аргументирајќи со докази за нивната незаконска и асимилаторска активност на територијата на Албанија.

На прашањето дали МАЕИ има одговор од премиерот Рама, како и од другите државни институции до кои е поднесен допис, Стерјовски одговара негативно.

„Ние и пред пописот на населението и за време на пописот и потоа до албанските медиуми испраќавме соопштенија за дејствувањето и на Амбасадата на Бугарија меѓу македонското население и врз попишувачите, но доставувавме дописи со факти и до албанските институции. Освен Народниот правобранител, ниедна институција не изреагира. Народниот правобранител отпочеток ни врати одговор дека не е нивна надлежност бидејќи се работи за странска амбасада, но по наша ургенција до нив дека се работи за дејствување со кое се засегнати државните институции и по известување на западните амбасади во Тирана, добивме две известувања дека е отворена истрага за случајот. Сепак, од другите државни институции нема досега одговор, освен што во меѓувреме е забранет влез за Виктор Стојанов од бугарското здружение ‘Македонија’, што е сепак задоцнето бидејќи тој дејствуваше за време на пописот. Реалноста е дека албанските институции не нè заштитија како Македонци, туку Бугарија го спроведуваше својот пописен инженеринг на терен“, вели Стерјовски.

Тој нагласува дека МАЕИ не го притискаше македонското население како да се изјаснува на пописот освен тоа да го направи според своето чувство.

На прашањето зошто сепак бројката не Македонците е така мала, под 3 илјади, како и дека е мала бројката и на други етнички заедници, имајќи предвид дека само во Тирана се проценува дека има околу 20 илјади Македонци, а по повеќе илјади и во другите големи градови, или вкупно, помеѓу 100 и 120 илјади Македонци, а Грци околу 400 илјади, Стерјовски вели дека станува збор за стара државна политика на Албанија.

„Да, ниедно малцинство не е задоволно од пописните резултати, освен Бугарија секако, бидејќи за првпат се запишани во статистиката Бугари како малцинство. Имаше неколку крупни проблеми со пописот. Прво, во Преспа, Голо Брдо и Гора го имавме проблемот со Бугарија која инсталираше свои луѓе и придобиени попишувачи. А во градовите, прашањето за етничка припадност воопшто и не им беше поставувано на граѓаните. Тоа го констатиравме не само ние како македонски претставници, туку и претставниците на другите етнички заедници“, вели Стерјовски.

На прашањето до каде е координираната акција на малцинствата со барање за нов попис за етничката припадност, Стерјовски вели дека и тоа ќе се случи.

„Ние како Македонци први излеговме со реакција дека не ги признаваме пописните резултати. По нас реагираа Грците, па Власите, Еѓипќаните и други етнички заедници. Сите се незадоволни. Задволна е само Бугарија, пак ќе повторам, која дури пописот го призна и пред да биде завршен!“, вели Стерјовски.

На прашањето дали е запозната Европската слободна алијанса (ЕФА) – партија којашто ги застапува малцинствата во Европскиот парламент во Брисел, чија рамноправна членка годинава стана МАЕИ, Стерјовски вели дека се известени и ЕФА и други меѓународни инстанци.

„Кога заврши пописот, сè што доставивме до албанските власти, го сублимиравме во посебен извештај на 80 страници на англиски јазик. Лично го доставивме и до ЕФА, и до Советот на Европа во Стразбур, до ОН во Женева, до ОБСЕ… Ќе продолжиме да ги користиме контактите во меѓунараодните институции и организации со цел да го оспориме пописот. Не може да има девет малцинства, а 50 илјади граѓани. Тоа едноставно е неможно. Нашата борба продолжува и на правен и на меѓународен терен. Европската унија треба да интервенира и да не го признае пописот во Албанија особено во делот на етничката застапеност“, вели Стерјовски.

На крајот тој додава:

„Време е и нашата матична земја, државата Македонија да се ангажира за Македонците надвор од Македонија. Ние, Македонците, како лојални граѓани на Албанија кои ја сакаат Македонија, тоа одамна го бараме. Да се надеваме…“.

Панта Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ