четврток, 26 декември 2024

„Стела“ – првиот македонски филм за деца е дел од образовните програми во Шведска за учење на македонскиот јазик и култура

Македонскиот долгометражен филм „Стела“, кој освои големо внимание на меѓународната сцена, сега ќе биде дел од образовните програми во Шведска. Ова признание е од исклучителна важност за македонската кинематографија, бидејќи филмот ќе се користи како средство за учење на македонскиот јазик и за запознавање со културата и природата на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Филмот ја раскажува емотивната приказна за Никола, младо момче кое заедно со својот дедо и шарпланинката Стела се соочува со предизвици како булингот и семејните потешкотии. „Стела“ е повеќе од филм – тоа е универзален симбол на љубов, храброст и взаемна поддршка, кој ги поврзува генерациите преку својата топлина и автентичност.

Филмот „Стела“ е избран како едукативна алатка во шведските образовни центри заради неговиот визуелен и емоционален карактер, кој го прави наставниот процес побогат и повпечатлив.

Иницијатори на проекот се професорките по македонски јазик Павлина Велјаноска и Тереза Шалевска-Мирчева. Професорката  Велјаноска, го изрази своето мислење за значењето на филмот во едукативен контекст.

„Филмот како медиум, претставува моќна алатка која преку својот визуелен и емотивен карактер го прави наставниот процес поинтересен, инспирира креативно пишување и развива критичко размислување. Нашата цел е филмот ‘Стела’ да ја поттикне свеста кај учениците околу темата врсничко насилство, да поттикне емпатија кај нив и да им овозможи да истражуваат културни и општествени аспекти на мајчиниот јазик, збогатување на лексиката и секако запознавање со убавините на Македонија.“

„Стела“ е првата македонска зелена продукција, создадена во копродукција помеѓу „Дрим фектори“ (Македонија), „Акција продукција“ (Србија) и „Моуна“ (Германија), со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд на Баден Вуртемберг во Германија.

Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ, а продуцент е Огнен Антов.

Филмот „Стела“ е мост помеѓу Македонија и светот, нудејќи можност за истражување на јазикот, културата и вредностите што нашата земја ги нуди.

По премиерата, „Стела“ освои награди и признанија на фестивали низ Европа, а со оваа нова соработка со шведските образовни институции продолжува да инспирира и да ги поврзува младите генерации со македонската култура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ