понеделник, 27 мај 2024

Стејт департмент: Бугарија одбива регистрација на етничко-македонски активистички групи

Во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2023 година, во кој се третирани состојбите во 200 држави и територии низ светот, во делот за Бугарија се наведува дека и покрај бројни судски одлуки на меѓународни инстанци Бугарија и натаму одбива да регистрира етнички македонски активистички групи.

Фото: Софија

Објавено на

часот

Сподели

Во извештајот на Стејт департментот се вели дека законот предвидува право на слобода на здружување и оти владата генерално го почитувала, но дека „властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’“.

„И покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите“, се наведува во извештајот.

Во него се додава дека во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврдил одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив, со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт.

Во мај, Апелациониот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд, нотира извештајот на Стејт департментот.

Инаку, најново во врска со односот на Бугарија кон македонското малцинство, е тужбата што до Судот за правда во Луксембург против Европската комисија ја поднесе Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград. Целта со тужбата е да се принуди Бугарија да го регистрира клубот и со тоа да го заштити европското право на асоцијација и здружување. Тужбата е иницирана и организирана од организацијата Нов АСНОМ, а поддршка дадоа Македонското движење за човекови права од Торонто, Светскиот македонски конгрес – Канада, Симон Поповски, Иљо Јанев и многу други Македонци од цел свет.

„Ова е прв правен процес внатре во Евроспката Унија кој се однесува на дискриминацијата врз Македонците во делови од ЕУ. Со оваа тужба, Европската комисија е приморана да даде одговор до Судот за правда за кршењето на основните човекови права на Македонците во Бугарија“, наведоа од Нов АСНОМ во информацијата за јавноста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ