За разлика од првиот самит на 2 март, средбата на она што Стармер го нарече „коалиција на волните“ се одвива виртуелно. На состанокот се очекува да се разговара за тоа како земјите можат воено и финансиски да ѝ помогнат на Украина, како и опции за можна идна мировна мисија доколку Путин поддржи прекин на непријателствата.
„Чувствувам дека порано или подоцна тој ќе мора да дојде на преговарачка маса и да се вклучи во сериозна дискусија, но не можеме да седиме настрана и само да чекаме да се случи тоа“, рече Стармер.
„Ова значи зајакнување на Украина за да може да се брани и зајакнување на нејзините воени капацитети, финансирање и континуирана поддршка на Украина“, додаде британскиот лидер.
Денешната средба доаѓа по предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот во Украина, кој го поддржа украинскиот претседател Володимир Зеленски. Путин изјави дека во принцип го поддржува прекинот на огнот, но наведе голем број детали кои треба да се разјаснат пред да се согласи за прекин на огнот.
На состанокот учествуваат околу 25 земји, меѓу кои Франција, Италија, Украина, Австралија, Канада, Нов Зеланд, како и претставници на НАТО и на Европската Унија. САД не се присутни на состанокот.
Трамп во петокот изрази оптимизам дека Путин, кој се состана со американскиот претставник Стив Виткоф претходно оваа недела, ќе го поддржи прекинот на огнот.
Украина, под силен воен притисок врз делови од линијата на фронтот, три години по почетокот на руската инвазија, веќе го поддржа предлогот за прекин на огнот. Руската војска напредува на бојното поле, а аналитичарите велат дека Путин веројатно не сака да избрза со прекин на огнот додека чувствува дека има предност.