Во најголемиот јапонски женски затвор, Точиги, 20 отсто од затвореничките се постари. Затворот сѐ повеќе се приспособува на потребите на постарата популација, вклучително и помош при капење, хранење и медицинска нега.
„Некои жени велат дека би платиле дури и месечна претплата ако можат да останат тука засекогаш“, изјави затвореникот Такаиоши Ширанага.
Собите се полни со постари жители, со збрчкани раце и стуткани грбови. Работниците им помагаат да се капат, да јадат, да одат и да ги земаат лековите.
Но, ова не е дом за стари лица туку е најголемиот женски затвор во Јапонија.
Населението овде го отсликува стареењето на општеството надвор, како и сеприсутниот проблем на осаменост, кој, според чуварите, станува толку акутен за некои постари затвореници што повеќе би сакале да останат затворени.
„Има дури и луѓе кои велат дека ќе плаќаат 20.000 или 30.000 јени месечно за да живеат тука засекогаш“, изјави Ширанага за новинарите на Си-ен-ен.
Меѓу затворениците е и Акијо (81), која издржува казна за кражба на храна. Со многу мала пензија и минимална поддршка од семејството, Акијо вели дека животот во затвор ѝ ја дава стабилноста што ја немала надвор.
Според јапонската влада, кражбата е најчестото кривично дело меѓу постарите затвореници.
Повеќе од 80 отсто од постарите жени во затворите во 2022 година биле осудени за кражба. Причините вклучуваат сиромаштија, 20 отсто од постарите од 65 години во Јапонија живеат под прагот на сиромаштија, што е значително повисоко од просекот на ОЕЦД, како и изолација и недостаток на поддршка.
Затворските чувари сведочат дека многу жени се враќаат во затвор бидејќи немаат каде да одат, немаат средства за живот или имаат потреба од медицинска нега што не можат да си ја дозволат надвор од затворот.
Јапонските власти се свесни за проблемот. Министерството за правда започна програми кои им помагаат на затвореничките да се подготват за самостоен живот, додека локалните иницијативи се фокусираат на обезбедување домување и социјална поддршка на стари лица без семејства.
Сепак, со оглед на брзото стареење на населението и ниската стапка на наталитет, многу експерти веруваат дека на Јапонија ќе ѝ требаат значителни ресурси и промени за да се справи со предизвиците што ги носи зголемениот број на стари лица во општеството.