петок, 26 јули 2024

Стапуваат во сила мерките против загаденоста во Скопје

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека во Скопје е надминат прагот дозволени ПМ10 честички во воздухот и дека стапуваат во сила препораките од Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање.

Објавено на

часот

Сподели

„Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови  на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, тој е надминат на мерните места во Скопје – Лисиче и Ректорат“, се вели во денешното соопштение од МЖСПП.

Согласно ова МЖСПП и Министерството за здравство се должни да им препорачаат на сите работодавачи да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Двете министерства се должни да им препорачаат на работодавачите и да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, а се препорачува и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата пак треба да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и општините да ја намалат на половина употребата на службените возила и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

Обврска за преземање мерки против загадувањето има и Министерство за труд и социјална политика (МТСП) кое во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом Скопје и општините треба да обезбедат прифатилишта за  сместување на  бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство пак има обврска да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за број на повици, за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа сѐ до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина пак треба да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во дозволата по однос на емисиите во воздух.

Врз основа на сето тоа МЖСПП ќе треба да подготви и да достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на половина на капацитетот на производство со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

Од своја страна пак, општините во Градот Скопје се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините.

Според последните информации на платформата Ваки.инфо која во реално време го мери загадувањето низ светот, нивото на загаденост во Скопје денеска се движи на скалата од 165 до 283 во зависност во кој дел од градот се мери загаденоста.

Најлошо е во општина Центар во делот околу Водно, а најмалку загадено е исто така во Центар околу реонот Капиштец.

Според платформата Ервижуал Скопје денеска е на 9 место според загаденост во светот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ