сабота, 27 јули 2024

Стапката на наталитет во Јапонија падна на нов минимум – „ситуацијата е критична“

Стапката на наталитет во Јапонија падна на нов минимум во 2023 година, осма година по ред, покажуваат податоците на Министерството за здравство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Владин функционер ја опиша ситуацијата како критична и ги повика властите да направат сè што можат за да го променат трендот.

Податоците ги нагласуваат долгогодишните проблеми на Јапонија со стареењето и намалувањето на населението, што има сериозни економски и безбедносни импликации, особено поради зголеменото присуство на Кина во регионот.

Според најновите статистички податоци, стапката на плодност во Јапонија – просечниот број на бебиња што се очекува да ги има една жена во текот на животот – изнесувала 1,2 минатата година. Министерството соопшти дека 727.277 бебиња родени во Јапонија во 2023 година е помалку за 5,6 отсто во однос на претходната година, што е најниско ниво откако Јапонија почна да води статистика во 1899 година.

Одделно, податоците покажуваат дека бројот на склучени бракови е намален за шест отсто, на 474.717 минатата година, што според властите е клучна причина за намалувањето на наталитетот. Во претежно традиционалното јапонско општество, вонбрачните раѓања се ретки, бидејќи луѓето ги ценат семејните вредности.

Главниот секретар на кабинетот Јошимаса Хајаши им рече на новинарите дека станува збор за „критична ситуација“. Следните шест години, до 2030-тите, ќе бидат „последната шанса да се смени трендот“, рече тој.

Хајаши како главни причини поради кои на младите им е тешко да одлучат дали да стапат во брак или да имаат деца, ги наведе економската нестабилност, тешкотиите во балансирањето на работата и воспитувањето на децата и други сложени фактори.

Бројките беа објавени откако Парламентот во средата ја одобри ревизијата на законите кои имаат за цел да ја зголемат финансиската поддршка за родителите или оние што очекуваат бебиња, како и да го прошират пристапот до услугите за згрижување деца и да ги прошират бенефициите за родителско отсуство. Владата издвои 5,3 трилиони јени (34 милијарди долари) како дел од буџетот за 2024 година за тоа и се очекува да троши 3,6 трилиони јени (23 милијарди долари) годишно за даночни олеснувања во следните три години.

Експертите велат дека овие мерки главно се наменети за брачните двојки кои планираат да имаат или веќе имаат деца и дека не се однесуваат на се поголемиот број млади кои не сакаат ни да стапат во брак.

Такахиде Киучи, извршен економист во Истражувачкиот институт Номура, рече дека овие мерки не можат да го решат проблемот.

„Едноставните економски мерки, како што се зголемувањето на субвенциите, нема да го решат сериозниот проблем со намалувањето на наталитетот“, напиша Киучи во извештајот, додавајќи дека конзервативните размислувања кои ги поддржуваат традиционалните родови улоги дома и на работното место, исто така, треба да се променат.

Истражувањата покажуваат дека младите Јапонци се повеќе не сакаат да стапат во брак или да имаат деца, обесхрабрени од мрачните изгледи за работа, високите животни трошоци кои растат побрзо од платите и родовата пристрасна корпоративна култура која дополнително ги оптоварува жените и вработените мајки.

Јапонското население од повеќе од 125 милиони луѓе се предвидува да се намали за околу 30 проценти на 87 милиони до 2070 година, со 40 проценти од луѓето на возраст од 65 или повеќе години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ