сабота, 21 декември 2024

Стапи на сила ограничувањето на профитот за 73 производи, премиерот очекува почитување на договореното

Очекувам намалување од најмалку 10 проценти и очекувам тоа што е договорено да биде и почитувано, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, во однос на денешното стапување во сила на владината одлука за ограничување на профитот на трговците за 73 прехранбени производи од есенската потрошувачка кошница.

Објавено на

часот

Сподели

За реакциите од граѓаните дека дел од маркетите ги покачиле цените пред носењето на одлуката за есенската потрошувачка кошница, Мицкоски порача дека секој кој се однесува шпекулативно, неморално и неетички ќе биде санкциониран.

На новинарско прашање, Мицкоски посочи дека мерката  ќе трае до крајот на октомври, а како резултат на неа 70-ина производи се со намалени цени, како резултат на анализа и теренски анкети со граѓаните.

„Во периодот што следи ќе продолжиме да ја ажурираме оваа листа во зависност од потребите на граѓаните. Производите не се резултат на шпекулативна мерка, туку се резултат на анализа и теренски анкети водени со граѓаните кои производи можеби се најкористени од граѓаните, така ќе биде  и пред новогодишните празници, така ќе биде и напролет, цело време така ќе функционираме. Целта ни е да го олесниме животот на граѓаните и да ја намалиме цената на производите“, рече Мицкоски.

Најави дека наскоро ќе има промени во раководството на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), каде сѐ уште е директор од претходната власт.

„Не брзаме со овие кадровски промени за да не бидеме под критика на јавноста дека партизираме, итн. чекориме многу внимателно, сакаме да ги почитуваме сите закони за да не немаме после илјадници тужби и милиони пари на народот да се слеваат во приватни џебови и затоа внимателно чекориме во тој процес. Мислам дека набргу од денеска и таа работа ќе биде заваршена, ќе дојде ново раководство во ДПИ“, рече Мицкоски, при престојот во општина Ѓорче Петров,  по повод поставување камен темелник  на спортска сала во основното училиште Димитар Поп Георгиев Беровски.

Во „Службен весник“ е објавена Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат видови и количества на одделни стоки на потрошувачите со што од денеска се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од есенската потрошувачка кошница.

Цените на 73 прехранбени производи, кои се дел од есенската потрошувачка кошница, треба да бидат пониски до 31 октомври, а производите вклучени во оваа кошница, треба да бидат јасно обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Одлуката ја донесе Владата на предлог на работна група формирана од министерствата за економија, финансии и земјоделство.

Министерот за економија Бесар Дурмиши на прес-конференција во петокот рече дека одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индексот на трошоци за живот, кои покажуваат дека во август годинава во однос на декември лани евидентирано е зголемување на трошоците за храна за четири проценти.

Во есенската потрошувачка кошница, според Владата, се вклучени прехранбените производи што најмногу ги користат граѓаните, додека според опозицијата, мерките на Владата се задоцнети и нема да имаат ефект врз цените и стандардот на граѓаните.

Последните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) покажуваат дека во септември минималните трошоци на едно четиричлено семејство изнесуваат 61.306 денари што е зголемување за 107 денари во однос на август кога истите трошоци изнесувале 61.199 денари.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ