сабота, 27 јули 2024

Станете учесник на ЛОИ 2012 во Лондон за само 400 денари

Објавено на

часот

Сподели

Годинава маратонците во Скопје ќе трчаат за олимписка виза

Потребната виза за британската престолнина, сепак, нема да треба да ја извадите со чекање ред или играње оро пред амбасадата на Велика Британија, туку со трчање низ улиците на градот Скопје. Имено, годинава Скопскиот маратон е на листата на трки на кои атлетичарите ќе можат да ја исполнат нормата за настап на најдолгата трка во Лондон.

Парите, сепак, не се единствениот услов за да дојдете до остварување на животната желба на милиони светски спортисти бидејќи за да го исполните олимпискиот сон ќе треба да имате и брзи нозе. За да се најдете меѓу среќниците што ќе трчаат низ лондонските улици, ќе треба на 6 мај годинава скопската патека од 42,195 метри да ја претрчате најмногу за два часа и 15 минути (Б-нормата е 2:18:00 часа) ако сте припадник на посилниот пол односно најмногу за два часа и 37 минути (Б-нормата е 2:43:00 часа) ако сте женско.

Од организацискиот одбор на Скопскиот маратон информираат дека можноста за пријавување веќе е отворена преку нивната интернет-страница. Ова, засега, е прва и најверојатно единствена можност за обичните смртници што не спаѓаат во категоријата елитни професионални спортисти да добијат шанса да се најдат меѓу спортскиот крем во Лондон.

Реално, случувањето на нешто такво би било рамно на осмо светско чудо, но надежта умира последна. Како за илустрација, победникот на минатогодишната трка во машка конкуренција, Диксон Терер патеката ја минал за 2:23:51 часа што е за осум минути побавно од потребното за А-норма. Кај дамите, Кенијката Сесилија Варутумо победила со 13 минути помало време од бараното за учество на ЛОИ.

Сепак, за очекување е влегувањето на листата на маратони на кои ќе се вади олимписка виза да го зголеми рејтингот на Скопскиот маратон што би довело звучни имиња од светот на далечинското трчање на улиците на македонската престолнина. Исто така, за очекување е на патеката да се појават и тркачи-аматери од соседните држави каде што нема маратон со олимписки предзнак што дополнително би ја зголемило бројката на учесници на трката низ скопските улици.

И.К.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ