сабота, 4 јануари 2025

Стаменковски: Случајот со следењето на Мицкоски од разузнавачките служби треба да заврши на суд

Постапката на следење на г-динот Христијан Мицкоски и на неговото семејство, за необјасниви дејства, е класичен пример на злоупотреба на разузнавачките служби. За тоа кој го направил злоупотребувањето на службата, треба да се преземат сеопфатни истражувачки мерки и низ судска постапка да се санкционораат наредбодавачите и извршителите на тие дејства кои веројатно не се вршеле во постапка предвидена со Закон и даден налог од овластен судија. Ова за порталот Политика.мк го вели професорот Алекса Стаменковски, доктор по економски науки и поранешен  директор на Агенцијата за разузнавање.

Објавено на

часот

Сподели

Минатата недела актуелниот македонски премиер Христијан Мицкоски обелодени дека поседува информации дека како лидер на опозицијата бил следен од безбедносните служби на државата и дека бил организатор на терористичка паравојска.

Стаменковски смета дека целта на ваквото следење била оцрнување на опозицијата и е надвор од сите прописи според кои функционираат разузнавачките служби.

„Моето мислење е дека сторителите на ваквите активности треба да се изведат пред правдата и соодветно со максимални казни за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба да се санкционираат. Злоупотребите на службите не треба да бидат мотив за нивно спојување или реорганизирање. Работата на разузнавачките служби треба да се унапредува, а сите кои што ќе ја злоупотребаат својата службена должност ригорозно да се казнат со високи затворски казни предвидени со закон.

Ваквата постапка на тие што имале ‘сознанија’, треба да биде поткрепена со аргументи за нивните сомнежи и тоа требало да се прави, ако требало, во законски предвидена постапка. Очигледно е дека тоа е правено надвор од законските прописи. И да повторам, сите тие што го правеле ова треба да бидат изведени пред правдата, не само затоа што го следеле г-динот Мицкоски, туку и за кривично дело нарушување на угледот на институцијата во која ги извршувале своите работни разузнавачки активности.

Службите прибираат разузнавачки информации за заштита на безбедносните интереси на земјата од безбедносни, одбранбени, политички, економски и други загрозувања од странство и од дома, а не за да им служат на интересите на одделни припадници од партиите кои се на власт“, вели Стаменковски.

Во однос на најавените реформи на безбедносните структури, односно спојувањето на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, Стаменковски смета дека се работи за спојување на неспојливи различни функции.

„Најавеното спојување нема да донесе поголема ефикасност, туку може да предизвика антагонизам и натпревар, која од функциите во единстваната институција ќе биде доминантна – дали внатрешното разузнавање (контраразузнавањето) или надворешното разузнавање или прибирањето информации за заканите по националната безбедност од надвор.

Разузнавачките служби кои се занимаваат со надворешно разузнавање сѐ повеќе се трансформираат за прибирање на информации за опасностите со предзнак меѓународен тероризам, меѓунроден организиран криминал, разузнавачките активности ги извршуваат и во земјата, а контраразузнавачките активности, спречувањето на овие активности ги вршат агенциите за заштите на уставниот поредок. Врз основа на обезбедените разузнавачки информации за овие опасности се преземаат мерки за нивно спречување. Тешко е да се поверува дека со спојувањето ќе се зголеми ефикасноста, а можно е да дојде до создавање услови за креирање нови непосакувани злоупотреби“, смета Стаменковски.
Сепак тој потсетува дека Словенечката агенција за разузнавање и безбедност СОВА е централна цивилна разузнавачка и безбедносна служба, формирана по меѓународното признавање на Словенија како независна и суверена земја. СОВА дејствува на различни полиња во обезбедувањето на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Словенија и економскиот просперитет, како и во заштитата на животите и другите облици на безбедноста на своите граѓани и жители. Акцентот на дејствувањето на СОВА е надворешното разузнавање.

Безбедносно разузнавачката служба на Хрватска – СОА, како единствена служба за внатрешно и надворешно разузнавање е формирана во 2008 година. Таа собира и анализира податоци со цел да открие и спречи дејства на поединци или групи кои се насочени против постоењето, независноста, единственоста и суверенитетот на Република Хрватска, насилното рушење на структурата на државната власт, загрозувањето на човековите права и основните слободи и основата на економскиот систем на Република Хрватска. Во овој разузнавачки систем на Хрватска акцентот е ставен на домашното разузнавње, а многу помалку се посветува внимание на разузнавањето од странство.

Овие два примери на служби укажауваат на фактот дека копирање на туѓа служба не е можно. Секоја земја гради свој систем на разузнавачки служби за заштитa на своите безбедносни интереси во зависност од опасностите со кои може да се соочи политичкиот систем, улогата и задачите на носителите на извршната власт (влада, претседател, крал), вели Стаменковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ