среда, 19 март 2025

ССНМ и ЗНМ: Новинари повикани на информативен разговор за употреба на дронови

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изразуваат загриженост поради повикувањето на информативен разговор на новинари, меѓу кои и претставници на меѓународни медиуми, по синоќешниот протест во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Забраната за користење на дронови беше официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот во Скопје веќе почна. Во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за цивилно воздухопловство, за градот Скопје воопшто не беше спомената ваква забрана.

„Ова отвора сериозни прашања за правната основа на постапката кон новинарите. Согласно Правилникот за воздухоплови без екипаж (член 7, став 1), одредени зони можат да бидат ограничени поради безбедносни или други важни причини, но ваквите одлуки мора да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни навремено. Општата примена на забраната без претходно известување и врз цел град, како во овој случај, не е во согласност со оваа правна рамка.

Бараме од МВР и АЦВ да дадат јасно појаснување за следниве прашања:

Зошто забраната за дронови беше објавена дури откако протестот веќе започна? Според најавата Скопје не беше опфатено, а новинари сепак беа повикани на информативен разговор. По кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти? Зошто медиумите не беа навремено известени за ограничувањата?

Очекуваме институциите да постапуваат транспарентно и во согласност со законите, со цел да се избегнат дејства што можат да се протолкуваат како ограничување на работата на медиумските работници и слободата на медиумите и тоа за настани од висок јавен интерес. Воедно, апелираме до новинарите кои користат дронови да го прават тоа одговорно и со внимание, без да ги вознемируваат семејствата и блиските кои поминуваат низ тежок период, особено во наредните денови кога ќе се одржуваат погребите на починатите“, се вели во реакцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и на Здружението на новинарите на Македонија.

Синоќа новинари и медиумски работници (екипи на ТВ 21 и на Ројтерс) беа повикани во полициска станица откако го снимале собирот на плоштадот „Македонија“ со дронови. Новинарите по разговорот во полициската станица беа пуштени откако дале изјави. На разговорот им било укажано дека од неодамна биле променети правилата за максимална тежина на дрон што може да се управува без посебна дозвола, а нивните дронови ја надминувале тежината и затоа морале да ги пријават во Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Досега, дроновите кои се со тежина до 249 грама можеа да се летаат без никаква регистрација. Со новите правила тежината е намалена на најмногу 200 грама. Но, новинарите и снимателите не биле запознаени со новите правила.

МВР вчера попладнето соопшти дека е целосно забрането управувањето со дронови во областите на Кочани и Штип.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ