„Припадници на МВР по наводна наредба на одговорните во Министерството за правда денеска упорно и вулгарно го попречуваа јавувањето во живо на новинарот Павле Беловски од Телма, иако тој беше надвор од просториите во кои се одржуваше седницата на Судскиот совет и никако не ја попречуваше работата на советот во која учествуваше и оценувачката мисија на Европската унија на чие чело е поранешниот судија на хрватскиот Врховен суд, Бранко Хрватин.
Заради неможноста да се обезбедат минимум услови, јавувањето во живо во централните вести на ТВ Телма беше прекинато, а јавноста остана скусена за елементарна и важна информација. Тоа што загрижува повеќе е дека припадниците на полицијата или во овој случај одговорните во Министерството за правда сосема непотребно предизвикаа инцидент кој отвора дилеми околу желбата за транспарентност во државните органи.
ССНМ и ЗНМ реагираат и на неколкукратното легитимирање на новинарите, иако тоа не е пракса и има димензии на понижувачки однос, и најавуваат постапка пред внатрешната контрола на МВР, пријава за одговорните лица во Министерството за правда и во Судскиот совет, но и информирање на меѓународните новинарски асоцијации“, се вели во реакцијата.