петок, 18 октомври 2024

ССМ: Со 2.000 евра покачена плата Бесими без срам тврди дека врз инфлацијата би влијаеле работничките плати

Објавено на

часот

Сподели

Сојузот на синдикати на Македонија денеска излезе со соопштение во кое реагира на изјавата на министерот за финансии, Фатмир Бесими, вработените да почекаат на зголемување на платите до 2024 година. ССМ оцени дека изјавата на Бесими оти ако се зголемат платите на работниците сега ќе има импликации на инфлацијата, е неразумна.

„Оценката на министерот дека дијалогот во Економско социјалниот совет за зголемување на платите ќе потрае и дека побрзо ќе се утврди методологијата за плати во јавен сектор (онаа против која се сите синдикати) со која ќе се стави ред во платите во јавниот сектор, ќе остане само негова пуста желба. До кога Владата ќе глуми социјален дијалог, до кога владините претставници ќе зборуваат едно на ЕСС, а друго по медиумите и дали некогаш ќе се засрамат за тоа што си ги зголемија платите за 78 отсто во најголемата инфлација, а со ништо не заслужија такво зголемување“, се наведува во реакцијата на ССМ. 
 
Синдикатот прашува и дали функционерите имаат совест, кога говорат дека дека ако се зголемат платите на работниците ќе се покачи инфлацијата, додека 1.100 од нив си ги покачиле примањата.
 
„До кога со ваквите политики на Владата, работниците ќе немаат ниту за леб туку за трошки, а функционерите за торта и колачи и до кога работниците ќе ги толерираат ваквите функционери! Нема друга држава во Европа и во светот каде што функционерите си ги зголемиле нивните плати за 78 отсто, а единствено зголемување за работниците е само работното време и тоа за 78 отсто“, се вели во соопштението.
 
ССМ апелира работниците масовно да се придружат на активностите на синдикатите во наредниот период, наведувајќи дека „само заедно можеме да се избориме за нашите работнички права!“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ