сабота, 25 мај 2024

ССМ: Работниците излегуваат на протести за да не работат за туѓи интереси

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) традиционално на 1 Мај ќе излезе на протести на кои годинава ќе побара враќање на трошоците за храна и превоз во висина од 20 проценти од просечната плата и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, уште во првите 100 дена на новата Влада, најави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние работниците излегуваме на протест и на 1 Мај. Ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право кое го изгубивме во 2009 година поради бруто системот на пресметка на плати во Македонија, ќе бараме зголемување на платите и тоа во првите 100 денови од новата Влада, особено зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра, онолку колку што изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси. Сите ние заедно се соочуваме со притисокот од ниските плати, со нашата егзистенција и со проблемите кои му ги прават на синдикалното движење со конфискацијата на Работничкиот дом“, рече Трендафилов на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека работничкото движење е исправено пред сериозен предизвик поради, како што кажа, односот на креаторите на политиките кои во изминатиот период покажаа и докажаа дека водат грижа за себе, а не и за работниците.

„Денеска работниците во Македонија се соочуваат со притисок за нивната егзистенција поради зголемените трошоци за живот, како и ниските плати. Работниците се премногу незадоволни од сѐ. Излегуваме на протест поради тоа што изминатиот период беа глуви на нашите барања. Денеска како никогаш досега имате работници во Македонски шуми кои немаат примено плата три месеци, имате работници во Водостопанство кои ја немаат примено последната плата. Вработените во културата преку протести се изборија за исплата на платата со зголемувањето на минималната плата и еден куп други работници кои се соочуваат со нивната егзистенција според податоците на УЈП каде што јасно се кажува дека повеќе од 20 илјади работници примаат плата помалку од минималната плата“, рече Трендафилов.

Тоа, додаде, е недозволиво во едно општество и ги повика сите работници, сите синдикати, сите организации кои се борат за работниците да се придружат на работничкиот протест на 1 Мај.

„На таков начин денеска кога треба да бидеме најгласни да им кажеме на сите тие на само седум дена пред избори дека не сме задоволни од тоа што го правеле досега сите заедно и дека очекуваме многу повеќе. Пораките кои ќе ги испратиме на 1 Мај треба да бидат црвен аларм за сите оние кои ќе го очекуваат гласот на работниците на 8 мај. На ваков начин сметаме дека сега ни е можноста и шансата нам како работници да бидеме гласни и да бидеме најгласни. Кој ако не ние, кој ако не денес?“, порача Трендафилов.

Во одговор на новинарско прашање посочи дека синдикалната кошничка веќе се пресметува и веројатно ќе има зголемување од најмалку 1.200 денари.

„За жал, работниците во Македонија од јануари до април се посиромашни месечно за некаде околу 3.000 денари или за 50 евра. Ако тоа не е доволна причина да ни се придружат на Првомајскиот протест и ако тоа не е доволна причина да излезат и да кажат дека се премали платите, а преголеми се трошоците, треба да размислат добро. Тоа што можам да кажам е дека психолошката бариера од 60 илјади денари новата пресметка на синдикалната минимална кошничка сигурно ја преминува и тоа треба да биде црвен картон за сите оние кои се сомневаа и во пресметката на синдикалната минимална кошничка, меѓутоа се сомневаа и укажуваа дека работниците во Македонија можат да преживеат со далеку помалку. Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“, потенцира Трендафилов.

На државните служби им порача дека ги чекаат на 1 Мај во 11 часот да дојдат и да влезат во Работничкиот дом.

„Нека си ја пробаат среќата“, рече Трендафилов.

Работнички протест на ССМ, како што најави, на 1 Мај ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом по што работниците ќе одат до Собранието, Стопанската комора и ќе завршат пред Владата, каде што, посочи Трендафилов, ќе ги упатат пораките дека не се задоволни, дека тие кои чекаат да одлучуваат за нив треба да направат повеќе и треба да се погрижат повеќе за работниците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ