сабота, 27 јули 2024

ССМ денеска на протест по повод 1 Мај

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска во Скопје ќе одржи протест по повод Меѓународниот ден на трудот – 1Мај. Синдикатот бара пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

„Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со сѐ поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас“, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.

Трендафилов посочува дека на 1 Мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

„Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат државата.

Како претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права“, наведува Трендафилов.

ССМ очекува на протестот да се придружат и членови на други синдикати и граѓани.

Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, а ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и Владата.

Левица дава отворена поддршка на протестите организирани од синдикатите во Република Македонија. „Организираниот труд е искрата во модерното време во кое владее профитот како главен двигател на политичките текови кои создаваат богатсво за малкумина потиснувајќи го мнозинството. Оваа држава ја одбраниле и изградиле работниците, а ја ограбиле великопоседниците.

Бараме шест часовно работно време, укинување на договорите на определено време, зголемување на минималната плата на 2/3 од утврдената синдикална потрошувачка кошница, задолжителна исплата на платите до секој седми во тековниот месец, задолжителна дупла дневница за работа за викенди и празници, повторно учество на работниците во управните одбори на претпријатијата, проширување на дефиницијата за професии со бенифициран стаж за трудово интензивни професии, здравствено осигурување и во случај на неисплатени плати и неплатени придонеси од страна на работодавците, воведување на дополнително татковско отсуство, за новородено дете и многу други мерки кои ќе го вратат вашето достоинство.

Работници, вие сте столбот на општеството и без вас не може ништо – пробудете се и зграпчете ја политичката моќ назад во свои раце“, соопшти вчера Левица.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во државава има статус на државен празник и до 2006 година се празнуваше два дена, а од 2007 година се празнува само на 1 мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ