сабота, 27 јули 2024

Српските земјоделци ги блокираат патиштата четврти ден по ред, бараат државни субвенции (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Протестите почнаа по неуспешниот обид со премиерката Ана Брнабиќ да договорат поддршка за земјоделците и сточарите. Од владата, како што велат, го бараат „само она што сите произведувачи во останатите држави во околината, регионот и ЕУ го имаат веќе 20 години“ – субвенции од 300 евра по хектар обработлива површина, син дизел без државни давачки за земјоделците и премија од 17 евроценти за литар млеко.

Земјоделците и сточарите од власта очекуваат да им ги гарантира цените на земјоделските производи, пченицата, пченката и сојата како на берзите во Будимпешта и Париз. Демонстрантите се заканија дека со тракторите ќе заминат во Белград, што дополнително ќе го засили притисокот врз власта, имајќи предвид дека за утре е најавен третиот протест „Србија против насилството“, на кој минатата недела во двете протестни поворки во центарот на српската престолнина учествуваа десетици илјади луѓе.

Власта протестите ги нарече политички бидејќи на нив, по повод двете масовни убиства и толерирањето на насилството во медиумите и јавниот простор, на почетокот на мај повика опозицијата.

Понудата за делумно исполнување на барањата на демонстрантите, која денес српскиот претседател Александар Вучиќ им ја испрати по разговорите со лидерите на едно здружение на сточари и произведувачи на млеко, повеќето учесници во протестите ја сметаат за недоволна за да се откажат од негодувањето.

Демонстрантите понудата на Вучиќ ја сметаат за „контрола на штетата“ и порачуваат дека нивните проблеми не можат да се решаваат делумно и нецелосно.

Земјоделците од шумадискиот регион – Крагуевац, Рача, Баточина и Лапово – тргнаа кон Белград, а нивните колеги од Нови Сад, Краљево и Панчево порачуваат дека вечерва ќе одлучат дали ќе им се придружат, објавија денес српските медиуми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ