Српскиот политичар Срѓан Ного изнесува тешки критики кон македонската полиција и кон македонското Јавно обвинителство. Тој тврди дека таткото на Вања, Александар е првиот човек што на МВР им ги дал снимките на кои поврзал дека возилото цитроен на сега убиениот Панче Жежовски, е вмешано во грабнувањето и дека така почнала истрагата. Според Ного, полицијата не си ја завршила работата, туку оној што им ги дал доказите од кои почнале да трагаат е таткото на Вања, сега е осомничен и е во притвор, Александар Ѓорчевски.
На сопствениот јутјуб канал Ного објави досега необјавени видео материјали на кои се гледа возилото цитроен, пред зградата на Вања. Објавена е и снимка од последниот ден на Панче Жежовски на бензинска пумпа во Велес. Мотивот за убиството на Жежовски не се 500 евра и ако истражните органи не го објават мотивот, јас ќе го објавам наскоро, најави Ного. Тој отвора и сомневања за улогата во целиот овој случај на адвокатот Васко Стојков кој го пренел Палевски во Белград и бил ослобеден од обвинителството. А за истото дело, Стефан Димковски, кој од Белград го пренел Палевски во Турција, е во притвор.
Прашањето е од каде му се на српскиот политичар овие снимки? Од каде се снимките од наводниот разговор на таткото Александар со полициски инспектор? Кој го снимал овој разговор? Без разлика на контроверзноста на српскиот политичар, МВР и јавното обвинителство ќе мора брзо да одговорат на бројните дилеми околу нивната приказна за наводниот откуп како мотив за двојното убиство.