„Денес Александар Вучиќ ја премина црвената линија најавувајќи одмазда кон сите слободномислечки луѓе во Србија. Диктаторот се заканува дека наскоро ќе почне контрареволуција. Режимот на Вучиќ се подготвува Србија да ја воведе во ера на брутална репресија, заплашување и политички прогон. Ова е последниот аларм за тревога – не само за сите слободномислечки граѓани на Србија, туку и за меѓународната заедница“, се наведува во соопштението на ССП.
Партијата го повика обвинителството веднаш да реагира поради „најавата за одмазда кон сопствениот народ“, наведувајќи дека Вучиќ „мора да сноси одговорност за секоја последица на своите закани“, пренесуваат српските медиуми.
„Најавата за организиран контрамитинг во Белград дополнително потврдува дека власта свесно подготвува предизвикување опасни тензии и судири меѓу граѓаните. Секој кој учествува во ова, кој ќе се согласи да биде дел од насилството и заканите, ќе сноси одговорност за она што доаѓа. ССП ги повикува сите слободни луѓе заедно да се спротивставиме на ова лудило. Србија не е и нема да биде нечија приватна држава и диктатура“, се додава во соопштението.
Вучиќ најави денес дека наскоро „цела Србија ќе ја повика во Белград“ за, како што наведе, да покаже дека Србија „не е шака зоб“.
„Ние наскоро ќе ве повикаме во Белград сите. Сите ќе ги повикаме во Белград, цела Србија, да покажеме дека Србија не е шака зоб која тие ќе ја изедат со леснотија“, кажа Вучиќ, а своето обраќање го заврши со зборовите „Се гледаме наскоро“.
Студентите кои од крајот на ноември минатата година ги блокираат своите факултети, по протестите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш, најавија нов протест за 15 март исто така во Белград.