„Ајде македонски шалови“, си викаа неколкумина млади момци од Македонија на 10 метри од салата Чаир, уште од вчера рано утрото, кога Ниш полека се полнеше со армијата наши навивачи. „Трговците“ веднаш предизвикаа внимание. Се сетиле, си донеле миништанд за навивачка опрема, никој не ги пипка, нема инспекција, полицијата на само неколку метри немо посматра, а продажбата цвета.
„Цената е 300 денари, 500 динари или 5 евра. Кој како сака нека плати. Немаме само за со картички да наплатиме. Примаме и долари, ма и кувајтски динари примаме“, објаснуваат момците низ смеа, задоволно смеејќи се од интересот што го побудија.
Пред нивниот штанд во неколку огромни најлонски кеси стои целиот материјал. За да не бидат карактеризирани како националисти, меѓу купот македонска навивачка опрема, стојат шалови на Шведска и на Србија, но и на белградските фудбалски клубови Партизан и Црвена звезда.
„Мора да има за сите. Не сакаме да не прогласат за националисти. Затоа, има шалови и за Србија, има и за нивните најпознати клубови. Впрочем, Ниш е полн со гробари и со делии, па за да немае проблеми“, велат македонските трговци.
За само неколку часа, на штандот за продажба на македонски навивачки обележја, беа продадени еден куп шалови, капи, маици. Продавачите не сакаа да ни кажат колкава е заработката, ама насмевката им беше „за милион долари“.
Гледајќи како македонските навивачи им го земаат лебот, веднаш се појавија и нишките препродавачи. Но немаа таков асортиман како нашите.
Низ Ниш, веднаш се проширија шегите од типот „тие нам графит ни даваат, ние ним лебот им го земаме“.
Од Ниш, Златко Крстевски