Меморандумот го потишаа Јетон Шаќири, министерот за образование и наука на Македонија и Анџела Агелер, амбасадорката на САД во Македонија.
„Размената на знаења и искуства е секогаш добредојдена и за САД како водечка земја во светот во многу области и по многу параметри, а особено за Северна Македонија како земја во развој, која се труди да ги следи глобалните образовни и научни трендови и стандарди.
Како и досега, Фулбрајт ќе продолжи да стимулира добра соработка помеѓу образовните, научните и истражувачките институции од двете земји, овозможувајќи им нови можности и перспективи на научно – истражувачките работници, на студентите, експертите… Тие ќе ги јакнат личните компетенции и ќе стекнуваат квалификации во нови, надворешни средини, а потоа се враќаат и ги применуваат во сопствената земја.
Интересот на нашите граѓани за студиска или истражувачка посета на САД е секогаш голем затоа што оваа земја е водечка, кога е во прашање образованието и науката и секоја година има околу 40-на универзитети кои се рангирани меѓу најдобрите 100 во светот. Годинава, ние ќе се потрудиме да испратиме поголем број граѓани споредбено со изминатите години и за тоа го зголемуваме финансиското учество во програмата“, велат од МОН.
„Дозволете да потенцирам дека вложувањата во образованието и науката немаат друга алтернатива. И затоа, се трудиме влогот постојано да расте, користејќи ги сопствените ресурси, но и обезбедувајќи поддршка од нашите надворешни партнери, меѓу кои, сигурен сум дека Соединетите Американски Држави се и ќе останат еден од најголемите поддржувачи во заложбите на државата да се интегрира во развиениот свет“, изјави министерот Шаќири.