Билатералните разговори на македонските и американските колеги беа посветени на соработката меѓу двата совети со акцент на можностите посилно да се афирмира улогата на нашата земја во Северноатлантската алијанса и во тие рамки да се унапредува и билатералната соработка со САД како стратегиски партнер на Македонија.
„Предмет на интерес на американските колеги беа и прашањата како да се поттикнат интензивните напори на Република Северна Македонија на патот кон полноправното членство во Европската Унија“, соопшти Советот на амбасадори.
На овие теми и за други прашања од нивен интерес, американските колеги, заедно со членовите на Извршниот одбор на Советот, имаа можност да разговараат и со највисоките државни претставници на Македонија, претседателот на државата Стево Пендаровски, спикерот на Парламентот, Талат Џафери со заменик претседателот на Владата Бојан Маричиќ и со претседателот на Владата Димитар Ковачевски, и тоа во многу актуелен контекст, непосредно по неговата посета и средбите остварени во Њујорк и во Вашингтон.
Во рамките на посетата на нашата земја, американските колеги имаа можност да го посетат и разгледаат археолошкиот комплекс Стоби, како дел од значајните вредности што нашата земја ги понудила во ризницата на светското културно-историско наследство, а беа гости и на европски афирмираната винарница „Тиквеш“ и на првиот човек на овој македонски бизнис бренд, Свето Јаневски.