сабота, 27 јули 2024

Во Кина средба на претставници на најсилните морнарици во светот, присутна е и Америка

Во кинескиот град Кингдао започна четиридневна средба на претставници на кинеската и на 30 други најмоќни морнарици во светот, а присутни се и претставници на американската морнарица, пренесува Ројтерс.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Командантот на Пацифичката флота адмирал Стивен Колер ќе присуствува на Поморскиот симпозиум на Западен Пацифик во име на САД, изјави извор за британската агенција.

Кинеските медиуми објавија дека на состанокот учествуваат и Австралија, Франција, Индија, Јужна Кореја, Русија и Велика Британија.

Учесниците на состанокот во понеделник ќе разговараат зад затворени врати како да се решат поморските безбедносни предизвици, како и за Кодексот за непланирани средби на море, збир на насоки формулирани пред 10 години да се намалат тензиите меѓу армиите на море.

На прелиминарниот состанок во јануари беше разговарано за формирање работна група за спречување судири на беспилотни летала на море, пренесоа кинеските медиуми.

Настанот се преклопува со годишните заеднички воени вежби на САД и Филипини, кои започнуваат во понеделник и за првпат ќе се одржат надвор од територијалните води на Филипините.

Соединетите држави, Јапонија и Филипините потпишаа договор за соработка на трилатералниот самит минатата недела, изразувајќи загриженост поради „опасното и агресивно однесување“ на Кина во Јужното Кинеско Море, додека Пекинг го осуди договорот како „блоковска политика“, според Ројтерс.

Цао Веидонг, воен експерт и поранешен истражувач на кинескиот Институт за поморски истражувања, рече дека заедничките вежби на САД и Филипини овој пат ќе опфатат поголема територија со повеќе трупи и ќе опфатат вежби против подморници и противракетни вежби.

„Не е проблем кога САД спроведуваат вежби за подготовка за дефанзива со Филипините, но кога овие вежби ќе станат од офанзивна природа и ќе претставуваат закана за соседните земји, ние не само што мораме да бидеме во состојба на висока готовност, туку мора и да реагираме“, рече Цао.

Контактот меѓу претставниците на американската и кинеската војска беше обновен во вторникот, кога американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше со својот кинески колега Донг Џун за прв пат по речиси две години.

Претходниот состанок на претставниците на најсилните морнарици во светот се одржа во Јапонија во 2022 година.

Кина беше домаќин на ваквиот мултилатерален состанок во 2014 година, а оваа година се совпаѓа со 75-годишнината од основањето на морнарицата на Кинеската Народноослободителна армија, која Пекинг ја одбележува во вторник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ