среда, 11 декември 2024

Средба на Бајден и јапонскиот премиер, најавена „невидена“ одбранбена соработка

Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида на средбата во Вашингтон најавија зајакнување на воената соработка меѓу двете земји и развој на нов систем за противракетна одбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е најзначајната надградба на нашиот сојуз откако е формиран“, рече Бајден на прес-конференција во Белата куќа по двочасовниот разговор со Кишида на теми како што се тензиите во индо-пацифичкиот регион и војните во Украина и Појасот Газа.

Кишида рече дека со американскиот претседател разговарал и за тензичните односи меѓу Тајван и Кина и дека изразиле подготвеност да го зачуваат меѓународниот поредок заснован на владеење на правото.

„Едностраните обиди за промена на статус кво со сила или принуда се апсолутно неприфатливи каде и да се случат“, рече Кишида.

САД и Јапонија ќе продолжат да одговараат на таквите акции, вклучително и од Кина, продолжи тој. „Што се однесува до руската агресија врз Украина, денешна Украина утре може да биде Источна Азија“, предупреди Кишида.

Најавите за зајакнување на сојузот меѓу двата непријатели од Втората светска војна ја претставуваат најтесната соработка меѓу Токио и Вашингтон откако тие станаа сојузници пред неколку децении.

Бајден најави дека двете војски ќе соработуваат преку заедничка командна структура и заедно со Австралија ќе развијат нова ракетна одбранбена мрежа. Двајцата лидери најавија и дека јапонски астронаути ќе учествуваат во мисиите на НАСА на Месечината.

Јапонија, која често се опишува како најважен азиски сојузник на САД и најголем извор на директни инвестиции, е се поприсутна на меѓународната сцена по усвојувањето на низа безбедносни закони кои го трансформираа нејзиниот пацифистички устав по Втората светска војна.

Кишида денес ќе се обрати пред американскиот Конгрес и ќе им се придружи на Бајден и филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор на средбата која се очекува да биде фокусирана на претензиите на Кина во Јужното Кинеско Море.

По повод средбата, САД и Јапонија финализираа околу 70 договори за одбранбена соработка, вклучително и надградба на американската воена команда во Јапонија. Состанокот доаѓа во време кога Кина го засилува притисокот врз Филипините во Јужното Кинеско Море поради областите кои Пекинг ги смета за свои, а кои според меѓународното право им припаѓаат на Филипините.

Средбата беше во сенка на планираната 15 милијарди долари вредна аквизиција на американската компанија У.С. Стил која сака да го купи јапонскиот Нипон Стил. Некои аналитичари сметаат дека договорот е „на апарати за одржување во живот“ откако беше критикуван и од Бајден и од поранешниот претседател Доналд Трамп.

Запрашан за договорот, Кишида рече дека се надева оти преговорите ќе вродат со плод.

„Сакаме да ја зацврстиме оваа победничка врска“, рече тој. Бајден, пак, рече дека сè уште стои со синдикатите по ова прашање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ