По повод усвоената декларација на лидерите на ЕУ и нејзините држави членки, со која се согласија сите партнери на Унијата од Западен Балкан, вклучувајќи ја Србија, Брнабиќ наведе дека Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија, со имплементација на анексот од Охрид, „се смета за прифатлив само во контекст кој не се однесува на какво било де факто или де јуре признавање на Косово“.
„Србија, посветена на процесот на европската интеграција и преговорите, генерално, со резерва, се усогласува со Декларацијата од Брисел усвоена на самитот ЕУ-Западен Балкан на 13 декември 2023 како политичка изјава и правно необврзувачки документ“, се наведува во текстот кој Брнабиќ ѝ го предала на ЕУ.
Во текстот се додава дека усогласувањето на Србија со Декларацијата „не влијае на фактот дека Косово и Метохија останува интегрален дел од територијата на Србија според меѓународното право, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“.
„Горе споменатиот документ не претставува правно обврзувачки договор според меѓународното право. Србија истакнува дека усогласувањето (со Декларацијата) никако не значи признавање на членство на таканаречено „Косово“ во ОН; системот на организации и агенции на ОН; ниту таканаречениот територијален интегритет на таканаречено „Косово““, се наведува во текстот.
Во Декларацијата, меѓу другото, се наведува дека лидерите на ЕУ и нејзините држави членки од Белград и Приштина очекуваат „конструктивен ангажман за да се постигне брз напредок во нормализацијата на нивните односи, што е од клучно значење за безбедноста и стабилноста на целиот регион“.