сабота, 27 јули 2024

Србија: Полицијата ги проверува сите кои би можеле да бидат поврзани со исчезнувањето на двегодишната Данка

Потрагата по исчезнатото двегодишно девојче Данка Илиќ не престанува, се проверуваат сите факти и сите лица кои можат да се доведат во врска со нејзиното исчезнување, соопшти српската полиција.

Фото: Интерпол

Објавено на

часот

Сподели

Мајорот на полицијата Бојана Отовиќ Пјановиќ кажа за Радио телевизија Србија дека истрагата е динамична, опсежна и дека се прават проверки на сите можни факти.

Изјави дека по пријавата на исчезнувањето на девојчето на 26 март најпрво е пребаран теренот во најблискиот круг на исчезнувањето, но дека потоа истрагата е проширена на сите можни гранични премини и патиштата кои водат до нив.

Наведе дека се земени снимки од сите камери од сите можни правци, а дека специјални тимови ги пребарале тунелите, подземните канали и шахтите, шумите, и не нашле траги од исчезнатото дете.

Зборувајќи за снимката која ја направил српски државјанин во Виена, а на која се гледа девојче кое личи на Данка Илиќ, Отовиќ Пјановиќ за РТС кажа дека се работи на проверка на веродостојноста на наведената снимка.

„Началникот на службата за сузбивање криминал стапи во директен контакт со човекот кој ја доставил предметната снимка за да видиме, бидејќи имаше доста и лажни снимки и објави, дали е добронамерен или злонамерен“, кажа Отовиќ Пјановиќ.

Авторот на снимката на 30 март ги контактирал српските власти, кои потоа се обратиле на виенската полиција со барање да го истражи случајот.

Амбасадата на Србија во Виена апелираше до граѓаните, доколку на територијата на Австрија ја препознаат исчезнатата Данка Илиќ, веднаш да ја известат српската или австриската полиција.

Во меѓувреме потрага по исчезнатото девојче од Србија почна и Интерпол, меѓународната полициска организација.

На сајтот на Интерпол е објавена нејзина фотографија и опишани се карактеристични детали од нејзиниот изглед.

На прашањето дали постои можност девојчето да е жртва на трговијата со деца, Бојана Отовиќ Пјановиќ наведе дека во овој момент ништо не е исклучено.

„Секое лице кое минало по кој било правец и кое може да се доведе во врска, во зависност од околностите, ако во времето на исчезнувањето на девојчето било тука некаде во непосредна близина се доведува во полициската управа, се вршат разговори, а елиминацијата ќе оди, нормално, кога ќе добиеме несомнени факти дека некој не може да се доведе во врска со вршење некое дело“, кажа Отовиќ Пјановиќ.

Двегодишната Данка Илиќ, која исчезна на 26 март, има кафена коса, кафени очи и висока е околу 85 сантиметри. На себе во моментот на исчезнувањето имала маслинесто зелена јакна, виолетови панталони и црни патики.

Полицијата на првиот ден на исчезнувањето за првпат во Србија го активираше системот „Најди ме“ (Амбер алерт), со кој јавноста итно се известува за исчезнување дете.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ