сабота, 27 јули 2024

Србија ја јакне воената соработка со Франција

Уште еден знак за оддалечување од Русија како воен снабдувач.

Објавено на

часот

Сподели

Србија сака да ја зајакне соработката во воената индустрија со Франција и се обидува да купи авиони рафал, изјави вчера претседателот Александар Вучиќ.

Вучиќ вчера најави дека на 8 април во Париз ќе има важни разговори со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Една од важните теми ќе бидат наменската индустрија и соработката на нашите наменски индустрии“, рече Вучиќ на седницата на Владата, осврнувајќи се на одбранбените индустрии.

Србија, која ја има една од најголемите армии на Балканот, сè уште се потпира на советските авиони, како што се ловците МиГ-29 и хеликоптерите МИ-35, заедно со руски ракети и тенкови. Таа купи и кинески противвоздушен ракетен систем и борбени дронови, пишува Ројтерс.

Вучиќ рече дека тема на разговорот со Макрон ќе биде и нуклеарната енергија, без која, според него, Србија во иднина нема да може да ги задоволува потребите за струја.

Србија веќе купи хеликоптери и транспортни авиони ербас Х125М, ракети земја-воздух мистрал и радари талес.

Белград, исто така, се стреми да ја зајакне соработката со Ербас преку одржување и развој на хеликоптерот Х125M во Србија, како и потенцијално заедничко производство на борбено беспилотно летало.

„Ја продолжуваме и ја забрзуваме соработката за набавка на хеликоптери ербас“, рече Вучиќ.

Вучиќ во јануари изјави дека Србија во 2024 година ќе потроши околу 740 милиони евра за нова воена опрема.

„Србија ги продолжува разговорите за набавка на 12 авиони рафал од француската компанија Десо“, рече Вучиќ. Тој минатата година рече дека цената на авионот се проценува на околу три милијарди евра.

Ројтерс потсетува дека Хрватска во 2021 година купила 12 користени „рафали“ од Франција за 999 милиони евра.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера изјави дека првата испорака на шест авиони ја очекуваат до крајот на април.

Србија ја намали воената соработка со Москва откако Русија ја нападна Украина и ја осуди инвазијата. Сепак, за разлика од Европската Унија и другите западни земји, таа не воведе санкции за Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ