четврток, 26 март 2026

Згасна мундијалскиот сон на Македонија, доживеавме дебакл во Данска (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа дебакл во Копенхаген, Данска ја наполни нашата мрежа во второто полувреме од натпреварот, конечниот резултат беше 4-0 за домаќинот.

Објавено на

часот

Сподели

Македонија со голема надеж замина на мечот во Данска, но одигравме лош меч и со тежок пораз заминува од таму. Неславно селекторско деби на Гоце Седлоски.

Македонската репрезентација не одигра речиси ништо. Во првото полувреме се браневме, Данска напаѓаше, но Столе Димитриевски го чуваше нашиот гол. Работите се променија во вториот дел.

По само четири минути игра во второто полувреме Данска го отвори резултатот. Несмасна интервенција на нашата одбрана која ја искористи Дамсгард и лесно ја смести топката во нашата мрежа.

Девет минути подоцна веќе беше 2-0 за Данска, Дамсгард овојпат беше во улога на асистент, додаде до Исаксен кој ни даде гол и ја дуплираше предноста на домаќините.

Не се ни разбудивме од примениот гол, а Димитриевски веќе по третпат ја вадеше топката од мрежата, Исаксен пак ни даде гол, Данска поведе со 3-0.

Конечниот резултат беше поставен на 15 минути пред крајот кога Ериксен изведе корнер, Димитриевски беше добро блокиран, топката ја удри Норгард за водство на Данска од 4-0.

Овој пораз го згасна мундијалскиот сон за Македонија, за пет дена ќе треба да играме со Чешка во Прага, меч кој ќе нема никакво значење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ