петок, 13 март 2026

Започна реконструкцијата на спортската сала на УКИМ – Ристовски: Студентите заслужуваат современи услови за спорт – не руинирани сали

Министерството за спорт започна со комплетна реконструкција и адаптација на спортската сала во комплексот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со ректорката на УКИМ, проф. Биљана Ангелова, денеска го означија официјалниот почеток на градежните работи на објектот.

Објавено на

часот

Сподели

Со оваа инвестиција на Министерството за спорт, во вкупна вредност од 54 милиони денари со вклучен ДДВ, спортската сала, која со години беше во руинирана и запоставена состојба, ќе биде целосно обновена и повторно ставена во функција за потребите на студентите.

– Она што го започнавме како Министерство за спорт во соработка со ректорката пред една година, најпрво оваа сала да добие свој сопственик, потоа да го направиме проектот за реконструкција во соработка со УКИМ, денеска конечно добива конкретна реализација. Конечно почнува реконструкцијата на салата којашто е многу важна за Министерството за спорт, за УКИМ, но најважна е за студентите кои ги држеа часовите по физичко по други сали. Покажавме дека сакаме да поставуваме нови стандарди и секое ветување што го даваме како министерство и јас лично како министер, да го исполнуваме. Ова е уште еден доказ за тоа – истакна министерот Ристовски.

Тој потсети дека за неполни две години Министерството за спорт направи пет реконструкции на спортски сали, преку 45 реконструкции на спортски игралишта и дека „останува фактор кој ќе промовира позитивни работи, вистински вредности со посебен акцент на спортската инфраструктура и на развојот прво на училишниот, на универзитетскиот и на крај професионалниот спорт“.

Ректорката на УКИМ, проф. Биљана Ангелова, упати благодарност до Министерството за спорт и до Владата и нагласи дека со овој проект практично се решава децениски проблем
-Првиот договор за изграда на спортската сала е направен во 2007 година со тогашната Агенција за млади и спорт и Универзитетот, меѓутоа оттогаш до сега имавме низа проблеми кои пред сѐ излегоа од нерешениот правен статус на спортската сала, како и проблеми во рамките на средувањето на градежните работи. После две децении, последнава година, година и половина, успеавме да ги решиме овие работи. Универзитетот работеше на две паралелни патеки. Најнапред нашиот универзитет со помош на нашите професори од Машинскиот, Градежниот, од Електротехничкиот факултет и од архитектура направија нов главен проект за спортската сала и геодетски елаборат со што се отпочна постапката за решавање на правниот статус на салата. Со препорака на државниот правобранител оваа спортска сала премина во владение на Владата на Република Македонија, а потоа со одлука на Владата оваа сала е доделена во сопственост на УКИМ за што сакам да изразам голема благодарност затоа што навистина брзо и ефикасно се спроведе целата оваа постапка. Паралелно со оваа постапка водевме уште една, бидејќи градежната дозвола за оваа сала е истечена пред десетина години, за издавање на нова градежна дозвола, односно решение за реконструкција на спортската сала – посочи Ангелова.

Ректорката на УКИМ изрази надеж дека реконструкцијата ќе биде завршена во предвидениот рок и нагласи дека по реконструкцијата спортската сала ќе биде ставена во функција на студентите, на вработените, а ќе биде отворена и за организирање на натпревари.

-Очекуваме дека во предвидениот рок, согласно договорот, оваа сала ќе биде реконстрирана и ќе биде ставена во функција. За нас тоа е особено важно бидејќи универзитетскиот спорт секогаш бил високо во приоритетите на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, затоа што спортот не се само натпревари и резултати, преку спортот се стекнуваат и многу други значајни вредности, се учиме на тимска работа, на упорност, на истрајност… сетоа тоа се вредности кои сакаме да ги всадиме кај нашите студенти и кај секој млад човек – рече Ангелова.

Во име на студентите, претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Ангела Василевска, упати благодарност до Министерството за спорт и ја истакна важноста на овој објект за 7000 студенти за спроведувањето на наставата и за одржување на спортски активности.

Реконструкцијата на спортската сала на УКИМ е дел од програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, преку која се реализираат низа капитални проекти низ државата со цел подобрување на условите за спорт и физичка активност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ