Саудиска Арабија не се откажува од идејата летоска да донесе голема фудбалска ѕвезда.
На листата со желби имаше неколку имиња, на врвот беше Винисиус Жуниор за кого беше подготвен неверојатен договор тежок 1 милијарда евра.
Сепак, Бразилецот нема намера во овој дел од кариерата да се пресели во Саудиска Арабија и како што пренесоа голем број на извори утрово, Винисиус Жуниор наскоро ќе стави потпис на нов договор со Реал Мадрид.
Мохамед Салах исто така беше еден од приоритетите, но и Египјанецот ги одби милионите и ја продолжи соработката со Ливерпул.
Како што пренесува Спорт, Арапите не се откажуваат од намерата да ангажираат звучно име и со 300 милиони евра ќе тргнат по Рафиња од Барселона.
Бразилецот има фантастична сезона под водство на Ханси Флик, и со 30 погодоци и 23 асистенции на 49 натпревари, тој е еден од фаворитите за престижната „Златна топка“.
Ал Хилал е клубот кој го мерка Рафиња, за кого е подготвен четиригодишен договор и плата од 50 милиони евра од сезона. За Барселона пак се подготвени 100 милиони евра во форма на обесштетување.