Крај на една убава бајка, Џејми Варди го напушта Лестер после 13 години, ова попладнево го соопштија „лисиците“.
Англичанецот пристигна на „Кинг Пауер Стадионот“ од нисколигашот Флитвуд Таун за 1 милион фунти во 2012 и прерасна во еден од симболите на Лестер и нивна најголема ѕвезда.
Во сезоната 2015/16 со 24 погодоци ги предводеше „лисиците“ до сензација и огромно изненадување, Лестер ја освои својата прва титула во Премиерлигата во конкуренција на гигантите како Манчестер Сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Челси и Арсенал.
За разлика од останатите ѕвезди на тој тим како Нголо Канте и Ријад Марез, Џејми Варди не ги одбра милионите кои му ги нудеа големите клубови, реши да остане верен па сега е на прагот да забележи 500 настапи за „лисиците“ (во моментов има 496) и да постигне 200 погодоци (во моментов има 198 погодоци).
Тој исто така го освои ФА Купот во сезоната 2020/21, а се радуваше и на титула во Комјунити Шилд во 2021 година.
Во 2019/20 ја освои и „Златната копачка“ за најдобар стрелец во Премиерлигата, таа сезона постигна 23 погодоци во најсилното првенство на Англија.
Џејми Варди е последниот фудбалер од шампионскиот тим од 2016 кој се уште го носи дресот на Лестер, но по 30. јуни и тој ќе го напушти клубот.