Пелистер денеска го бранеше врвот, но не го одбрани, Вардар успеа да слави на жешкиот терен и да дојде до пол-позиција за шампионската титула.
Победата беше обезбедена буквално во последните секунди кога Хориха шутна, го совлада Митревски и големото славје можеше да почне.
Вардар водеше речиси во текот на целиот натпревар, Пелистер поведе еднаш на почетокот на второто полувреме, неколкупати беше и нерешено, но обично домаќините беа оние кои го бркаа резултатот, а вардарци се обидуваа да се одлепат.
Мечот го одбележаа и огромниот број на досудени пенали, дури 27, што веројатно е и некој рекорд.
Младен Крсманчиќ со 11 голови беше најефикасен во составот на Вардар, Дмитро Хориха даде седум исто колку што и Вуко Борозан. Кај Пелистер најдобар беше Дејан Манасков со десет гола, Филип Кузмановски реализираше девет пати.
По пет одиграни кола во плеј-офот, Вардар е прв со 12 бодови, Пелистер е втор со 11, трет е Алкалоид со 8.
Во следното коло Вардар има нов важен меч, му гостува на Алкалоид, а Пелистер го пречекува Тиквеш.