Неделковски вели дека клучниот дел по преземањето на клубот било да бидат вратени долговите и Вардар биде ставен на позитивна лента по која ќе се движи во иднина.
„Кога го преземавме клубот велеа дека Вардар должи 2,5 милиони евра, подоцна се покажа дека долгот е 5 милиони евра. Како ја завршувавме сезоната трошоците дојдоа до 7,5 милиони евра. Долговите се направени од сите кои го воделе клубот од Сергеј па додека го земавме. На крајот ние бевме единствен клуб кој завршната сметка ја пријави со добивка, имавме добивка од 250.000 евра, што не знам кога претходно се случило“, вели претседателот на Вардар, Миленко Неделковски.
Ова лето за дел од фудбалерите стигнале понуди, но клубот не планира лесно да се откаже од оние на кои смета тренерот Седлоски.
„Градиме сериозен тим кој ќе има високи амбиции. Ова лето ни стигнаа понуди за Мато, Талески и Матиќ. Партизан за Талески нудеше 100.000 евра, но ниту еден од играчите на кои сметаме не пуштивме. Мислиме дека сумите не се доволно високи за да се ослободиме од фудбалери на кои рачунаме“.
Вардар по 18 години го освои Купот на Македонија, а за наредната сезона амбициите се двојна круна на домашната сцена.
„Амбициите на Вардар за новата сезона се двојна круна и да го минеме тимот на Фиорита од Сан Марино. Потоа во Европа ни доаѓаат посериозни тимови како Лозана, со кои ќе се обидеме да се надигруваме, па добро би било да стигнеме и што подалеку“.
Клубот ќе има висок буџет, но дел од средствата одат за сервисирање на претходно договорените рати од долгот кон Управата за јавни приходи (УЈП).
„Буџетот за новата сезона ќе биде над 3,5 милиони евра, но сите овие пари не се за тековно функционирање на клубот, дел од нив одат и кон исплата на долгот кон УЈП на претходно договорените рати. Во овој буџет не се сместени и парите кои ќе ги добиеме од УЕФА за настапот во Европа, а за учество во првото коло само ќе заработиме 320.000 евра“.
Миленко Неделковски ја потенцираше љубовта на Андон Дончевски кон Вардар и раскажа како тој од Австралија пристигна пред финалето од Купот на Македонија за да ги мотивира фудбалерите на црвено-црните.
„Сакам да го пофалам Андон Дончевски. Пред финалето од купот го повикав да дојде од Австралија и да ги мотивира фудбалерите. Можевме да му платиме само економска класа на лет, но тој требаше да патува во бизнис класа бидејќи е човек во години кои се движи во количка, треба да седи напред каде што има повеќе простор, па не може да лета со економска класа. Ако картата за економска класа е 1.500 евра, за бизнис класа е 6.000 евра. Му реков: чичко Дончо, јас не можам да оправдам сума од 6.000 евра за лет. Тој ми рече вие купете ми билет за бизнис класа, а јас сам ќе си ја платам разликата. Така направивме, ние му купивме билет за бизнис класа, чичко Дончо дојде, но парите кој тој требаше да ни ги пушти ги немаше на сметка. Поседе 20 дена во Македонија, по што се врати во Австралија и прво што направи таму отиде во банка да провери зошто парите не ни стигнале. Се покажа дека имал пуштено околу 100 евра повеќе од она што можело да се реализира преку таква трансакција. Па ни ги пушти парите двапати по пола. Голема благодарност за Чичко Дончо кој покажа колку го сака Вардар со тоа што сам си ја плати разликата во пари и дојде во Македонија за да ги мотивира играчите“.