Скопското дерби се одигра и минатата сабота за крај на регуларниот дел од сезоната, а среќата посака да играат истите ривали и во првото плеј-оф коло. По голема борба на крајот вардарци успеаја да го одбијат налетот на домашните и впишаа нови бодови во трката за титулата.
Првиот дел во Автокоманда беше целосно израмнет и се играше гол до 13-13, а тогаш вардарци се наметнаа и направија серија од 1-5. Иако влегоа со четири позитива во завршницата на полувремето, Алкалоид заврши со два погодоци за 17-19.
Уште трипати во второто полувреме Вардар водеше со по четири гола предност, последен пат со 20-24, меѓутоа тогаш врза серија грешки. Казната пристигна во серија од 4-1 со која Алкалоид се врати на 24-25. Се бореше тимот на Лазаров, а во овој дел од играта имаше многу седмерци. Вардар успеа да пак да ја врати максималната позитива од четири разлика (29-33), ама врза грешки и му дозволи на домаќинот пак да се врати во игра. Клучен беше нападот на Алкалоид за „минус еден“ на влезот во последната минута, но тогаш голманот Милош Валах му фати зицер на Тордарсон и Вардар го издржа налетот.
Вукашин Воркапиќ одново покажа класа и даде десет гола за Вардар, додека по шест имаа Хориха и Да Силва, а голманот Валах девет интервенции. Кај Алкалоид перфектен беше Никола Костески со седум од седум, а по пет гола дадоа Митев, Стојковиќ и Борзаш.






