Натпреварот почна нервозно, со грешки и на двете страни, но откако поминаа десетина минути тимот на Чупиќ заигра како што треба и неколкупати дојде на водство од четири гола разлика. Сепак во финишот од првиот дел Бенфика успеа да ја стопи негативата, Вардар замина само со еден предност на одморот, беше 15-14.
И почетокот на второто полувреме беше рамноправен, по што дојде серија на Вардар од 6-1 со која црвено-црните дојдоа до предност од седум разлика, беше 27-20. Во овој момент се чинеше дека македонскиот тим лесно ќе ја анулира негативата од пет гола од Лисабон, но Бенфика не мислеше да се предаде.
Португалскиот тим со серија погодоци успеа да намали на четири голови и да го однесе мечот во неизвесна завршница кога е во прашање гол разликата од меѓусебната пресметка која е важна за конечниот изглед на табелата. Вардар одигра како што треба во завршницата и дојде до победа од 33-27, победа и подобар меѓусебен дуел од Бенфика.
Најдобар стрелец за Вардар беше Јака Малус со девет голови, Вукашин Воркапиќ даде осум. Милош Валах одбрани шест топки, а Мигел Еспиња три.
По оваа победа Вардар е на врвот на табелата со ист број на бодови како и Мелсунген, црвено-црните во последното коло му гостуваат токму на германскиот тим и во тој меч ќе биде решено кој ќе оди директно во четвртфиналето, а кој прво ќе игра осминафинале.






