недела, 15 март 2026

Вардар го „тресна“ Пелистер во Битола за плус шест во трката за титула

Ракометарите на Вардар 1961 славеа среде Битола против Еурофарм Пелистер со 22-27 (15-14) и ставија една рака на титулата во Суперлигата.

Фото: РК Вардар

Објавено на

часот

Сподели

Иако има уште многу да се игра, вардарци имаат шест бода предност во однос на лутиот ривал и сам решава за титулата во преостанатите осум кола од шампионатот.

Дербито во Битола тргна со гостинско водство по двата гола на Јака Малус, меѓутоа бргу пелистерци се консолидираа и се наметнаа. Успеа домаќинот да влезе во добар ритам и поведе со 5-3 по голот на Манасков. Следните минути им припаднаа на битолчани кои стигнаа до 7-4, меѓутоа вардарци преку Малус, Воркапиќ и Лазаревски се вратија до израмнување и 7-7. Одново во подобар ритам влезе Еурофарм Пелистер кој пак поведе со три разлика (11-8), а до полувремето гостинот намали на 12-11.

На стартот на продолжението Вардар преку Георгиевски и Лазаревски стигна до прво водство по она на стартот на мечот (12-13). Се продолжи со беспоштедната борба на теренот, а откако пелистерци поведоа со 15-14 следуваше серија од 1-4 на Вардар за 16-18. Уште еднаш скопскиот тим поведе со два гола разлика (17-19), па се влезе во нова игра гол за гол во која гостите почесто водеа. Откако пелистерци преку Хосни на празна мрежа стигнаа до 19-19, Вардар врза голови на Лазаревски и Георгиевски, па Валах му фати пенал на Радивојевиќ, а на спротивната страна седмерец реализира Тузолана за 19-22. Ова го натера Стевче Алушовски за тајм-аут во 54. минута од средбата.

По тајм-аутот пелистерци одговорија со голови на Атанасијевиќ и Кузмановски за 21-23, ама врзаа две грешки и Вардар ги казни со головите на Да Силва, Тузолана и Малус за „плус пет“ и точка на натпреварот.

Јака Малус со осум и Милан Лазаревски со седум од седум реализации беа најдобри во вардаровиот табор, додека голманот Милош Валах имаше десет одбрани. Кај пелистерци по три погодоци постигнаа Манасков, Хакбарт и Кузмановски, додека голманот Митревски застана на седум интервенции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ