„Црвено-црните“ до триумфот стигнаа пред повеќе од 300 македонски навивачи во салата „Ротенбах Хале“, па со максимален ефект против истиот ривал го завршија овој дел од натпреварувањето.
Вардар уште на стартот ја презеде контролата и со серија голови брзо создаде предност, која ја задржа до крајот на првото полувреме и на пауза замина со водство од 12-17. Во продолжението скопскиот тим дополнително го засили ритамот, ја зголеми разликата и без поголеми проблеми го приведе мечот до крај.
Најефикасни во составот на Вардар беа Вукашин Воркапиќ и Жоао Педро со по шест гола, Никола Боно постигна пет, додека голманот Милош Валах имаше осум одбрани. Со овој триумф вардарци ја прескокнуваат првата нокаут рунда и директно ќе играат за место на завршниот турнир во Европската лига.
Четвртфинален противник на Вардар ќе биде подобар од осминафиналниот двомеч меѓу Монпелје и Елверум.






